| четврток, 6 декември 2018 |

Ќерката на Пол Вокер го тужи „Порше“

Ќерката на починатиот актер Пол Вокер поднесе тужба за компанијата „Порше“ тврдејќи дека автомобилот во кој нејзиниот татко починал имал голем број дизајнерски пропусти.

Мидоу Рајан Вокер (16) ја тужи компанијата за неспецифицирана штета, со аргументи дека „порше герера ГТ“ има дефект поради кој нејзиниот татко останал заробен во возилото по судирот.

Во тужбата се наведува дека на автомобилот му недостигал правилен систем за стабилно управување, како и мерки за заштита на патници и спречување да бидат зафатени од пожар по судир. Порталот „ТМЗ“ тврди дека имал увид во документите и дека возилото имало историја на нестабилности и проблеми со управувањето. Во тужбата се наведува дека актерот останал заробен затоа што безбедносниот ремен го „повлекол торзото на Вокер наназад со сила од илјадници килограми, при што му ги скршил ребрата и карлицата“, што значи дека не можел да побегне од пожарот.

„Порше“ не го коментираше овој случај.

Пол Вокер почина во сообраќајна несреќа во ноември 2013 година во Калифорнија. Имаше 40 години. Автомобилот го возеше неговиот пријател Роџер Родас, кој, исто така, почина. Несреќата се случи кога Вокер бил на пауза на снимањето на филмот „Брзи и бесни 7“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top