| четврток, 6 декември 2018 |

Дедо Љубе извојува победа, обвинението падна

312363-dedo-ljube-izvojuva-pobeda-padna-obvinenieto_thumb_medium500_295

Приговорите на адвокатскиот се прифатени и предметот повторно е вратен во истрага. Обвинителството има можност да поднесе нов обвинителен акт во кој старецот сигурно нема да се товари за делата за кои веќе еднаш беше обвинет, објави „Вечер“.

 

Кумановското Јавно обвинителство ќе мора да изготви нов обвинителен акт против седумдесет и петгодишниот Љубомир Митев, познат во јавноста како Дедо Љубе, откако Кривичниот совет во кумановскиот Основен суд ги прифати приговорите на адвокатскиот тим на старецот и го врати предметот во фаза на истрага.Обвинителниот акт во кој Дедо Љубе се товареше за убиство, обид за убиство и недозволено држење на оружје сега веќе не постои, а Обвинителството и одбраната забрзано собираат докази кои ќе ги искористат во судскиот процес.

– Во моментов собираме докази кои ќе ги искористиме во текот на постапката. Обвинителството ќе поднесе нов обвинителен акт против нашиот клиент, но ќе бидеме подготвени, велат застапниците на Дедо Љубе.

Бранителите на Дедо Љубе, адвокатите Жарко Стефановски и Христијан Георгиевски, уште на првото рочиште во април годинава поднесоа приговори на комплетниот обвинителен акт поради што процесот никогаш не ни започна.

– Обвинетиот, според правниот поредок во нашата држава, не одговара во случај кога се работи за сопствена одбрана. Сметаме дека негово право е да пружи одбрана. На судот останува дали тоа ќе го земе предвид, изјави тогаш адвокатот Христијан Георгиевски.

Тој смета дека ќе успеат да докажат дека Дедо Љубе делувал во услови на нужна одбрана за да ја отстрани опасноста кон себе и својата неподвижна сопруга.

– Целта на одбраната е да докажеме дека нашиот клиент делувал во услови на неопходна нужна одбрана и само со цел да ја отстрани непосредната опасност по животот и телото на неговата сопуга и себеси, објаснува Георгиевски.

Адвокатите нема да се повикаат на членот од Уставот во кој се гарантира неприкосновеноста на домот бидејќи сметаат дека тоа повеќе се однесува во материјална смисла.

-Семејните вредности и нивната сигурност и заштита е нашиот приоритет. Законите во нашето општество мора да му гарантираат на граѓанинот дека има право да ги отстрани опасностите кон семејствотои семејните вредности, велат од адвокатскиот тим.

Тие се во постојан контакт со Дедо Љубе за кого велат дека е во добро здравје и кондиција.

Тој, на единственото рочиште во кумановскиот суд изјави дека нема од што да се плаши и дека верува во системот и оти е убеден дека правдата ќе победи.

– Сметам дека правдата ќе победи. Јас го преживеав ова и се надевам дека судот ќе ја најде вистината за тоа што ми се случи. Јас сум сигурен во правдата, изјави Дедо Љубе пред зградата на Основниот суд во Куманово на стартот од неговиот судење.

Во меѓувреме Апелациониот суд ја потврди осумгодишната затворска казна за Борче Иванов (28), еден од двајцата разбојници кои влегоа во куќата на Дедо Љубе и го нападнаа него и неговата сопруга. Иванов во својата одбрана тврдеше дека не станува збор за грабеж, туку за наплата на долг и дека тој се нашол случајно на местото. Според неговиот исказ, старецот бил пријател со неговиот партнер Зоран Златанов и токму од него ја добил пушката со која ги застрелал, а за која дошле да ги земат наводно ветените пари, десет илјади денари.

Суровото разбојништво се случи на 27 февруари 2013 година кога Иванов и Златанов упаднаа во трошната куќа на Дедо Љубе во планинското село Којково за да го ограбат. Според официјалните информации на МВР, тие го нападнале старецот, го собориле на земја и брутално го тепале, а потоа го однеле во друга соба каде што го врзале и го оставиле да лежи на подот. Двајцата разбојници и се нафрлиле на неговата неподвижна сопруга Царка, на која и ставиле тешко ќебе врз главата и почнале да ја тепаат.

Дедо Љубе успеал да се ослободи и да си ги одврзе рацете, се симнал во подрумот и зел ловечка пушка. Разбојниците ги начекал во собата со неговата сопруга. Испукал два патрони. Со првиот истрел го погодил Златанов, кој починал на самото место, а со вториот го погодил Иванов, кој бил на вратата и се обидувал да истрча надвор. Иако тешко ранет, тој успеал да побегне, но подоцна побарал лекарска помош и бил уапсен.

Судскиот процес против Дедо Љубе ја разбранува домашната јавност, која сметаше дека старецот има право на нужна одбрана во својот дом и дека тој не треба и не смее да одговара за смртта на разбојникот и ранувањето на неговиот партнер. Граѓаните отворно и бурно реагираа откако обвинителниот акт, во кој старецот се товареше за три тешки дела, јавно беше објавен, на социјалната мрежа Фејсбук беше формирана група “Слобода за Дедо Љубе” која сега брои над 30 илјади членови, а беше побарано и од претседателот Иванов да ги искориси своите ингеренции и да интервенира и да изврши притисок за да се слободи старецот кој одзеде човечки живот за да го спаси својот и на неподвижната сопруга.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top