| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши уште едно успешно издание на „Браќа Манаки“ (фотогалерија)

Заврши уште едно успешно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, на кое наградата „Златна камера 300“ ја доби снимателот Маќаш Ердели за филмот „Синот на Саул“.  „Сребрената камера 300“ ја доби Адам Аркапо за филмот „Магбет“, за исклучителната вештина што ги става новите технологии во служба на класичната Шекспирова драма. „Бронзената камера“ ја доби Матео Гусман, за филмот „Земја и сенка“.

Во чест на наградените беше прикажан кинеско-тајванскиот филм „Убиец“.

Жирито додели и Специјално признание за Мортеза Геиди за филмот „Нахид“.

Наградата за најдобра кинематографија ја доби Вашко Виана за португалскиот „Планина“ на Жоао Салавиза. Во новата програма „Камера на ЈИЕ“, наградата „Златен Манаки“ ја доби турскиот филм „Сивас“ во режија на Каан Мујдеџи. За најдобар снимател во оваа програма е прогласен Милош Срдиќ, за филмот „Шумите се сѐ уште зелени“.

Публиката сведочеше и за неколку кратки филмови што ги создадоа деца за време на фестивалот, во рамките на „Вип“ – детската програма и „Џифони патува“.

На присутните им се обрати директорот на фестивалот, Димитар Николов, кој им се заблагодари на сите присутни, на партнерот „Вип“, на спонзорите, на сите луѓе од тимот, волонтери, хостеси што дале максимум од себе да има 10 дена убав фестивал во Битола.

-Малку ќе ми недостига да бидам без фестивалот во наредните 360 дена, иако сигурно ќе бидам вклучен на друг начин. Ви благодарам за поддршката, за сè што направивте за овој фестивал да го задржи реномето и да оди само напред со големи чекори, да се претвори во нешто уште поголемо и нешто со што ќе се гордееме – рече Николов.

– Ви се заблагодарувам на сите вас затоа што со вашето присуство изминатите десет дена на овој фестивал покажавте и докажавте и сите заедно видовме и доживеавме една голема вистина, а тоа е дека Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е најзначајното случување во сферата на културата во Република Македонија – рече Владимир Талески градоначалник на Битола.

На церемонијата настапи музичарот Гоце Наумов, со музичко-визуелниот проект „Мил-тон“, во кој низ видеа на браќата Манаки и низ негова авторска музика, ги врати присутните пред еден век, кога твореле патроните на фестивалот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top