| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен дневен центар за аутизам во Штип

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска беше во посета на општина Штип каде отвори Дневен центар за аутизам, имаше средби со граѓани и изврши увид во работите за реновирање на Центарот за социјални работи.

–  Овој дневен центар ќе претставува одлична поддршка на родителите на децата со аутизам, ќе работи на градење и развивање на способностите кои што ги имаат децата со аутизам, ќе работи на стручна подготовка на овие деца, ќе вработи соодветен дефектолог, логопед, социјален работник и психолог. Понатаму ќе реализираме и низа на обуки и доостручување на кадарот којшто работи во овој, меѓутоа и во сите останати дневни центри – рече министерот Спасов по отворањето на Центарот.

Додаде дека тој е резултат на инвестицијата на МТСП, на Центарот за социјални работи и големата поддршка на Општина Штип.

– Средствата за градежните работи за адаптација ги издвои МТСП, додека пак опремата ја обезбедивме од средствата на Центарот за социјални работи за денес да имаме еден современ, модерен дневен центар со посебна сензорна соба и со сите пропратни простории коишто се потребни согласно стандардите за функционирање на еден ваков објект кој е од особен интерес за родителите, меѓутоа и за децата со аутизам во оваа, но и во околните општини, потенцира министерот за труд и социјална политика.

Тој изјави дека во рамки на денешната посета на Штип заедно со градоначалникот Илчо Захариев и пратеници кои живеат во овој град оствариле и средби со граѓани, родители на деца со пречки во развојот.

– Разговаравме за тековни проблеми со коишто се соочуваат, за предизвици со коишто се соочуваат родителите на деца со пречки во развојот, меѓутоа исто така разговаравме и за нивните планови и потреби во наредниот временски период – истакна Спасов.

Градоначалник на Штип Илчо Захариев изразувајќи задоволство од отворањето на овој Центар истакна дека со него се решава еден децениски проблем за децата кои имаат аутизам.

Градоначалникот на Штип истакна дека изградбата на детската градинка ќе биде голем проект затоа што, како што рече, моментално 200 деца се на листата на чекање да влезат во детските градинки.

– Мислам дека изградбата на детската градинка во населбата Сењак за која веќе има локација и градежна маркица заедно со поддршка на МТСП идната година ќе биде реалност и оти на таков начин на стотина ќе го решиме овој проблем. Ќе остане потоа да изградиме уште една детска градинка во друга населба каде има потреба, рече градоначалникот Захариев и додаде дека на таков начин комплетно би се решил проблемот со згрижувањето на децата од претшколска возраст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top