| четврток, 6 декември 2018 |

Панихида за загинатите македонски бранители во 2001 во „Свети Јоаким Осоговски“

Во манастирот „Свети Јоаким Осогоски“, кај Крива Паланка, денеска се одржа панихида за сите загинати бранители на Република Македонија од воениот конфликт во 2001 година до денес – припадници на АРМ и на полициските сили, на која присуствуваше претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили на АРМ Ѓорге Иванов.

2050000130611-joakim-osogov

Со панихидата чиноначалствуваше митрополитот кумановско-осоговски Јосиф.

– Со овој чин во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ им оддаваме должна почит и внимание на загинатите припадници на Армијата и полицијата на Република Македонија кои ги дадоа своите животи за државата. Тагата и болката остануваат, особено кај најблиските, но останува и гордоста дека имаме наши припадници на АРМ и на полициските сили кои се жртвуваа за татковината. Останува и обврската, наша и на идните поколенија и генерации, овој спомен да го чуваат, да го негуваат и да се сеќаваат на нивните херојски дела, рече пртседателот Иванов.

На панихидата присуствуваа и членови на семејствата на бранителите од целата држава, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, генерал-потполковникот Горанчо Котевски, воен советник на претседателот Иванов, министерот за внатрешни работи Митко Чавков, Гордана Јанкулоска, поранешен министер за внатрешни работи, Моме Јакимоски началник на СВР Куманово, Марин Николовски, началник на крим-полицијата при СВР Куманово, Слаѓана Митевска, пратеник од Крива Паланка и градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски.

Владе Стојановски, претседател на Здружението „Бранители – херои на Македонија“, татко на загинатиот бранител Горан Стојановски кој на 8 март 2001 година го положи својот живот за татковината, рече дека Здружението ги застапува интересите и барањата на сите бранители и редовно на состаноци со претседателот Иванов, со министрите за внатрешни работи и за одбрана ги решаваат проблемите на семејствата на бранителите кои најчесто се однесуваат на решавање на станбеното прашање и во однос на вработувањето.

Ова е прва панихида во чест на бранителите на Македонија и, како што истакна Стојановски, ќе настојуваат да стане традиционална.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top