Романот „Сеќавање на љубовта“ од Алисон Ричман читателите во Македонија го избраа за наслов на летото. Делото на Ричман беше номинирано за најдобар роман во 2014 година во САД. „Сеќавање на љубовта“ е реална, вистинска драма, приказна сместена помеѓу волшебната убавина на Прага и модерниот Њујорк. Приказна стара педесетина години со порака која вечно ќе живее во срцата на милионите читатели ширум светот… Со авторката на романот разговаравме за творењето, за инспирацијата…
Зошто одлучивте да станете писател? Како се случи тоа?
Ричман: Јас сум ќерка на апстрактен сликар и на електроинженер. Низ уметничката леќа на мајка ми научив да го ценам светот. Со нејзиното учење сфатив дека сè околу нас има своја боја и свој состав. Од татко ми научив дека човекот никогаш не може нешто сосема да разбере, ако не го расклопи на составните делови и потоа повторно не го состави. Пишувањето за мене е комбинација од набљудување на светот околу мене – неговите бои, светлината и сенката, истовремено наоѓајќи смисла во сите негови сложени делови. Првиот роман почнав да го пишувам по завршувањето на факултетот. Отсекогаш ме фасцинирала идејата за аутсајдерство и оние кои се привлечени од земји кои не им се татковина. Мојот прв роман имаше наслов „Синот на резбарот на маски“ и во него се зборуваше за јапонски уметник кој сакал да патува во Париз и да слика заедно со импресионистите. Беше издаден кога имав 26 години.
Кога пишувате роман, што ви е најтешко?
Ричман: Мислам дека почетокот е секогаш најтежок. Многу е важно да го заробите вниманието на читателот и да му ја разбудите љубопитноста. Секогаш се обидувам да го направам тоа, така што романите ги почнувам со неодговорени прашања, па читателот секогаш е мотивиран да продолжи да чита. На пример, зошто Јозеф и Ленка долги години мислеле дека оној другиот е мртов? Кои биле нивните други сопружници со кои се венчале по војната? И најважно, како преживеале? Ако читателот е заинтересиран за овие прашања, тогаш ќе продолжи да чита!

Ајде да позборуваме малку за „Сеќавање на љубовта“. Заплетот е навистина трогателен и возбудлив, великодушно движечки. Дали се темели на настан кој можеби се случил во вашето семејство? Затоа што е многу детален, особено кога станува збор за животот во логорите и во гетото. Беше ли потребна обемна истражувачка работа за тоа?
Ричман: Ниеден член од моето семејство не бил во Европа во текот на Втората светска војна, ама јас имам еврејско потекло. Сепак, основната мотивација за да ја напишам оваа книга ми беше уметничкиот дух. Дали уметник може да создаде нешто, и покрај тоа што сè му е земено? Никаде не прочитав дека уметниците во концентрационите логори успевале да си го задржат творечкиот дух и да создадат уметнички дела откако им било земено сè што имале. Токму тоа ме мотивираше да ја напишам Сеќавање на љубовта. Кога минаа шест месеци, а јас сè уште истражував за оваа книга, слушнав за двојка која била разделена речиси шеесет години, а потоа повторно се сретнале на свадбата на нивните внуци. Ама, тој дел од приказната се појави откако почнав да ја истражувам уметничката страна на романот.
Кои се вашите омилени автори?
Ричман: Го сакам Габриел Гарсија Маркез, Ијан Мекјуан, Карлос Руиз Зафон, Никол Краус и мојот нов фаворит, Ентони Дор.
Мислите ли дека корицата игра важна улога во продажбата?
Ричман: Апсолутно. Убавите и скокотливи читачки клубови секогаш биле привлечни за луѓето. Морам да ви признаам дека корицата на македонското издание на Сеќавање на љубовта ми е најомилена. Растреперената пеперутка е толку прекрасна и ја заробува сета убавина и кршливост на љубовта за која се зборува во книгата.
Имате ли омилени параграфи во Сеќавање на љубовта? Јас имам многу.
Ричман: Моите омилени реченици се најверојатно овие: „За да преживеам во новиот и суров свет, морав да се убедам себеси дека љубовта е како уметничка слика. Негативната празнина меѓу луѓето е важна исто колку и позитивниот простор што го зафаќаме. Воздухот меѓу нашите заспани тела и здивовите меѓу разговорите се белилото на платното. Другите наши мигови – смеата и сеќавањата – се движења на четкичката направени во текот на времето“.
Како ги претставувате ликовите во вашата книга? Мислам, како ги оживувате на оној особен начин? Што ја прави Марта да биде Марта, а Јозеф да биде токму онаков каков што е – Јозеф?
Ричман: Интересно прашање. Можеби ќе звучи по малку налудничаво, ама ликовите всушност зборуваат со мене. Во главата им ги слушам гласовите, нивните мисли се во мојот ум и длабоко во срцето ги чувствувам нивните емоции. Тоа морам да го преточам на секоја страница.
Мислите ли дека поинаков заплет, поинаква заднина би создала и поинакви ликови во Сеќавање на љубовта? Може ли да постои поинаква приказна со истите ликови? Што би се случило ако тие поинаку реагираат во дадените околности? Отсекогаш сум се прашувала за овие работи.
Ричман: Мислам дека поинаков заплет во огромна мерка би ги сменил и ликовите. Ако Ленка ги оставела родителите, најверојатно ќе завршела како Амалија. Секоја одлука што ја прават ликовите има влијание врз остатокот од нивните животи. Сменете една од тие одлуки и сè друго во книгата ќе биде поинаку.
Очигледно е дека многу го сакате Антоан де Сен Егзипери и неговиот Малиот принц. Прекрасен подарок е роман за него и за неговата инспирација да го напише Малиот принц. Куќата на писмата почнува со цитат од истата книга. Зошто токму тој?
Ричман: Една од темите во Куќата на писмата, мојот нов роман, кој се појави во САД минатата есен е како ние, луѓето, успеваме да комуницираме без зборови. Малиот принц крие две приказни. Едната е напишана за деца, а онаа подлабоката е за возрасните. И содржи скриена порака: дека можеме да љубиме и да се грижиме за другите дури и од далечина, дури и по смртта. Во Куќата на писмата моите ликови комуницираат преку музика и книги, но и преку нивните срца.
Откривте ли нешто изненадувачко не само за вас, туку и за оние околу вас, пишувајќи ја Сеќавање на љубовта? Затоа што јас сум убедена дека секој роман, особено ваков – емотивен, тажен, а сепак преполн со надеж – мора да има некакво влијание врз скриеното, внатрешно битие на секој автор.
Ричман: Да, создавањето на Сеќавање на љубовта имаше огромно влијание врз мене. Ме принуди да ја разберам огромната моќ на човековиот дух. Ние сме многу посилни отколку што мислиме. Исто така, ми ја откри и моќта на љубовта, на сеќавањата и на креативните уметности. Сите овие нешта може да нè хранат во мрачни и во тешки мигови многу повеќе отколку што можеме да си замислиме.
Дали често ви се јавуваат читатели? Што најчесто ви велат? Во последно време постојат многу социјални мрежи, па убедена сум дека имате широка мрежа следбеници.
Ричман: Обожавам кога ми пишуваат читателите, а добивам пораки од луѓето од целиот свет. Фала му на Бога за преводот на Гугл! Социјалните мрежи нè зближуваат, а сите мои читатели ми даваат огромна поддршка за романот. Добивам и многу електронски пораки во кои велат дека книгата ги расплакала и дека Сеќавање на љубовта им е омилен роман.
Што го претвора заплетот, идејата, во добра приказна? Што е неопходно една идеја да се претвори во добро четиво? Затоа што очигледно е дека во Сеќавање на љубовта сте ја вткаиле вашата душа во животот на ликовите.
Ричман: Мислам дека и писателот, а не само читателот, треба да биде љубопитен за ликовите и за крајот на нивното патување. Јас вистински чувствував дека ги живеам животите на моите ликови.
Сте сонувале ли дека некогаш ќе станете писателка?
Ричман: Да, отсекогаш сум сакала да станам писателка!
Во кој жанр би ги вброиле вашите романи?
Ричман: Историска и литературна фикција.
Како ги промовирате вашите дела?
Ричман: Патувам низ САД, и зборувам за моите романи и дела. Имав прекрасна можност да зборувам и во Италија. Би сакала да дојдам еден ден и во Македонија!
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 159. број на неделникот „Република“, 18.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


