| четврток, 6 декември 2018 |

Уште еден доказ дека Кит Ричардс ќе нѐ надживее сите

Каналот „Нетфликс“ ексклузивно прикажа нов документарен филм за легендата на рокендролот Кит Ричардс.

Гледачите можеа да го видат гитаристот на „Ролигн стоунс“ како пред камерата на режисерот и добитник на „Оскар“ Морган Невил зборува за својата долга и бурна кариера, но и за своите зависности.

Насловен „Кит Ричардс: Под влијание“ и прикажан истиот ден кога е објавен најновиот соло-прокет на Ричардс, албумот „Crosseyed heart“, филмот сведочи за животот на 71-годишниот музичар за кој кружи мит дека е бесмртен, бидејќи успеал да одолее на многу несреќи, вклучувајќи ја и тешката зависност од дроги и од алкохол.

body_parts_of_celebrities_3

Постои стара британска шега, која вели дека само бубашвабите и Кит Ричардс можат да преживеат нуклеарен напад, што не е далеку од вистината со оглед на тоа дека славниот гитарист 10 пати дневно ѝ гледал на смртта в очи.

Првпат ја измамил смртта во текот на Втората светска војна. Роден на 18 декември во 1943 година, Ричард и неговата мајка по една година го напуштиле Лондон пред нападите на Луфтвафе. По враќањето во градот, констатирале дека нивната куќа била уништена од бомбардирањето на германската војска.

„Хитлер фрлил една од своите бомби на моето креветче! Ја сакал мојата кожа!“ рече Ричардс коментирајќи ја таа епизода од својот живот.

Во 1965 година, за малку не настрадал на сцената: во текот на изведувањето на песната „The Last Time“, на концертот во Сакраменто, Ричардс се обидел да го помести микрофонот со вратот од гитарата, предизвикувајќи струен удар од кој се онесвестил. Тоа што денес е жив може да се заблагодари на дебелината на гумениот ѓон на своите тогашни нови чизми.

Четири години подоцна, во тек на настап на еден концерт во Калифорнија, пред 300.000 луѓе. „Ролинг стоунс“ доживеале вистински кошмар, 18-годишниот црнец Мередит Хантер бил претепан со метални прачки и избоден со нож, а потоа настанал хаос во публиката.

„Ролинг стоунс“ биле евакуирани со хеликоптер, а за трагедијата, во која загинале уште три лица, дознале дури подоцна.

Во почетокот на 70-тите, Кит Ричардс и неговата фантастична партнерка Анита Пеленберг за влакно избегнале смрт.

Двојката се наоѓала во изнајмена куќа на Азурниот Брег, каде што бил сниман култниот албум на „Стоунс“ „Exil on Main Street“. Во тоа време бил тежок зависник од хероин и тој со запалена цигара заспал на креветот.

Тој и Анита ненадејно се разбудиле кога душекот бил веќе во пламен. За среќа, поминале со помали изгореници.

Тоа не бил единствен пат кога си играл со оган. Во 1973 година, повторно заспал со запалена цигара. Овој пат изгорела цела куќа во Редландс, во Калифорнија. Меѓутоа, Ричардс во својата автобиографија „Life“ негира дека до пожар дошло поради негова негрижа тврдејќи дека огнот избувнал од краток спој кога глушец прегризал еден кабел.

Ричардс не криел дека бил зависник, но тврди дека никогаш  немал проблеми со дрогата, освен во еден случај во Швајцарија, каде што некој во дрогата му ставил стрихнин.

„Бев во кома, но свесен за сѐ. Можев да ги почувствувам луѓето како ме нишаат, викајќи – Мртов е! Мртов е!. Еден глас во мене, сепак, ми зборуваше дека не сум мртов‟, рекол во една пригода за магазинот НМЕ.

Еден од најголемите митови во рокенролот датира од 1973 година.

Во тоа време се ширеле озборувања, кои по сопствено признание, Ричардс сам ги проширил, дека крвта толку му е затруена и дека мора да ја замени со нова.

Меѓутоа, постојат и докази дека таа година во Швајцарија бил положен на хемодијализа, телото да му се исчисти од токсични супстанции и да се олесни работата на бубрезите.

Човек може да преживее во секаква опасна ситуација, а да настрада од најглупав можен начин, а тоа за малку ќе му се случело на Ричардс.

Бил во својата библиотека кога паднал од стол на кој се качил за да дофати некоја книга. При падот скршил три ребра и морал да ја откаже турнејата.

Повторно паднал во 2006 година, но овој пат од палма, во тек на одмор на островите Фиџи. Поради фрактура на черепот морал итно да биде опериран и уште еднаш да одложи турнеја на „Стоунс“.

Исто така, стрихнинот не е единствена супстанција што допрела во неговиот организам.

Во својата автобиографија тој пишува: „Ја чував пепелта од својот татко во текот на 60-тите години. Немав сили да го пуштам да го разнесе ветерот. Решив да засадам даб околу кој би ја посипал пепелта. Кога ја отворив урната, масата беше прекриена со тенок слој пепел, кој го избришав со прст и го вшмркав. Пепел на пепел, од татко на син“.

Пепелта на татко му, секако, не можела да го убие, но на симболичен начин Ричардс така уште еднаш ја помирисал смртта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top