| четврток, 6 декември 2018 |

„Фејсбук“ развива нов морничав начин за да ве следи

На социјалната мрежа „Фејсбук“ и е доделен нов патент со технологија која што може да идентификува поединечни корисници на прилично бизарен начин.

„Фејсбук“ всушност планира да ги следи своите корисници врз основа на недостатоците во внатрешноста на објективите на нивните паметни телефони, а кои што се појавуваат на фотографиите објавени на оваа социјална мрежа.

Меѓутоа, како Марк Цукерберг планира да го изведе овој, навидум невозможен план?

Така што ќе ги надгледува нештата од типот на „расипаната позиција на пикселите во внатрешноста на камерите, гребаниците на стаклото на камерата, прашината на објективот”, и останатите карактеристики кои би им помогнале да ги идентификуваат поединечни камери на телефоните.

„Фејсбук“ планира овие карактеристики потоа да ги поврзе со традиционалните податоци кои веќе ги има – како што е локацијата – како точно би ја идентификувал камерата која што се користи за фотографирање.

А сега на ред доаѓа и едно сериозно прашање: Зошто воопшто „Фејсбук“ го прави ова?

Компанијата тврди дека на овој начин сака да ги открие лажните кориснички профили. Меѓутоа, оваа технологија има и своја значајно поморничава страна од она што социјалната мрежа ни го говори.

Ако „Фејсбук“ знае дека токму вие сте направиле одредена фотографија, а таа се појави на туѓ кориснички профил, тој автоматски знае дека имате некаква врска со таа личност.

„Фејсбук“ можеби ќе може и да се “провлече” низ интернет мрежата во потрага по фотографии кои што исто така сте ги направиле и на тој начин да добие уште повеќе податоци кои можеби сте се обиделе да ги сокриете.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top