Конференција за балканската емигрантска маршрута на бегалците од арапскиот свет и Африка ќе организира Советот на Европската унија на 8 октомври на која покрај министрите за внатрешни работи на земјите-членки на Европската унија, ќе присуствуваат и нивните колеги од Република Македонија и од другите балкански земји, како и шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан. Како што пренесе МИА од Брисел, одлуката е дел и од заклучоците на синоќешниот неформален состанок на шефовите на државите и владите на земјите на ЕУ во рамки на европскиот совет.
Денеска, од Европската комисија појаснија дека шефовите на полициите и министрите за надворешни работи од Македонија и другите балкански земји ќе се сретнат со министрите за внатрешни рбаоти на земјите на ЕУ на 8 октомври во Луксембург, а темата е како да се заштити и координира протокот на емигрантите на балканската маршрута.
Од Македонија, на оваа конференција е предвидено да бидат министрите Митко Чавков и Никола Попоски, додека покрај другите министри за внатрешни и надворешни работи, Европската комисија ќе ја претставуваат потпретседателката Федерика Могерини и еврокомесарот за внатрешни работи и миграциски прашања Димитрис Аврамопулос, а можно е присуство и на комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
Како што е познато, Еврокомисијата вчера предложи, а Европскиот совет прифати, Турција, како најпогодена земја-кандидат за членство во ЕУ од мигрантската криза, да добие една милијарда евра, а Македонија и Србија по 17 милиони евра во справувањето со напливот на бегалци и имигранти од арапскиот свет и од Африка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.