| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски телекомуникации го скроиле и законот за работни односи од 2005 година?

makedonski-telekom
Доказите достапни пред Окружниот суд во Њујорк, каде што се води процес за корупциската афера Телеком од 2005 година, укажуваат дека Македонски телекомуникации и Маѓар телеком длабоко навлегле во корумпирање на тогашната Влада на СДСМ, потплатувајќи ги да го одложат влезот на трет мобилен оператор во Македонија, што на компанијата и овозможило да оствари сериозен екстра профит преку вештачки надуени цени на телефонските и интернет услугите.
Но, доказниот материјал покажува дека освен што се плашеле од сериозна конкуренција, менаџерите на Македонски телекомуникации и Маѓар телеком имале и низа други барања од македонските власти, кои, исто така, биле влезени во преговорите со премиерот Владо Бучковски и неговите сопартијци од СДСМ. За тоа биле исплаќани пари преку „лобистички и консултантски услуги“, кои се предмет на истрага на американските власти. Едно од овие споредни барања, кои МТ и Маѓар телеком го имале до Владата е да се смени законот за работни односи на начин што ќе им овозможи полесно да отпуштаат вработени што ги сметале за вишок, како и да можат да ја намалат отпремнината за вработените.
Kefalojanis potvrda rabotni odnosi odzumirano
Еден од документите доставени до судот е консултантски договор склучен на 1 јуни 2005 година меѓу групацијата „Стоунбриџ“ – компанија формирана првенствено од Маѓар телеком, која е доминантен сопственик во Македонски телекомуникации и кипарската компанија „Чаптекс холдингс лимитед“, управувана од Михаил Кефалојанис. Кефалојанис и Ставрос Ставридис се двајцата грчки бизнисмени, поврзани со Димитриос Контоминас, кои служеле како посредници меѓу СДСМ од една страна и унгарските менаџери на Маѓар телеком од друга страна за да ги договараат прашањата од заемен интерес и според обвинението поднесено од американската Комисија за хартии од вредност, да ги пренесуваат парите испумпани од Македонски телекомуникации преку лажни договори за консултантсни услуги и лобирање до СДСМ.
rabotni odnosi koi bile celite na dogovorot
Во договорот е предвидено дека „Чаптекс“, компанија што најчесто била користена за испумпување пари од Македонски телекомуникации, ќе ги обезбеди следниве услуги:
„Во врска со законот за работни односи. Ќе се откажат или видоизменат правилата во врска со учеството на синдикатите во отпуштањата на начин во кој обврската да се информираат или да се усогласат синдикатите нема да влијае да се одложи ефектуирањето на прекинувањето на работниот однос (членовите 68 и 69 од новиот македонски Закон за работни односи). Краен рок до 15 август 2005 година. Појаснување на членовите поврзани со повторното договарање, хармонизацијата и повторното склучување на постоечки колективни договори, при што во случај да не се постигне хармонизирање на колективниот договор со одредбите на новиот закон за работни односи во рок од шест месеци по склучување на договорот, законот ќе биде применет директно и ексклузивно. Краен рок до 15 август 2005 година“, пишува во описот на услугите што „Чаптекс“ треба да ги изрши за потребите на групацијата „Стоунбриџ“, односно за потребите на Маѓар телеком.
rabotni odnosi Chaptex da dobie 980000 evra
Во договорот е предвидено дека „Стоунбриџ“ на „Чаптекс“ ќе му исплати 980.000 евра за реализирање на оваа услуга. Практично, тоа значи дека сопственикот на Македонски телекомуникации платил речиси еден милион евра за да извршат измени во Законот за работни односи, кои ќе им овозможат на директорите на Македонски телекомуникации полесно да отпуштаат работници.
Законот за работни односи бил изгласан на 22 јули 2005 година во Собранието на Македонија, и по неговото потпишување од страна на претседателот Бранко Црвенковски бил објавен во „Службен весник“ на 28 јули 2005 година, нецели два месеца по потпишувањето на договорот меѓу „Стоунбриџ“ и „Чаптекс“ за да се издејствуваат измени во Законот со кои полесно ќе може да се отпуштаат работници и тоа да биде завршено до 15 август 2005 година.
Овој скандалозен договор со кој една од најголемите компании во Македонија платила еден милион евра за да влијае врз текстот на Законот за работни односи бил потпишан од страна на директорот на „Стоунбриџ“, Золтан Кишиуж, и од директорот на „Чаптекс“, Михаил Кефалојанис. Двајцата се обвинети во случајот, кој македонските власти го поведоа за аферата „Телеком“, а во кој првообвинет е директорот на Македонски телекомуникации Атила Сендреј. Кишиуж и Кефалојанис, исто така, се повикани како сведоци пред судот во Њујорк.
Kefalojanis Kisuas potpis dogovor za rabotni odnosi
Дека двајцата потписници биле задоволни од ефектот постигнат со Законот за работни односи сведочи дополнителен документ, кој бил усвоен како доказен материјал пред судот во Њујорк. Се работи за порака испратена од страна на Кефалојанис до Кишиуж на 15 август 2005 година, дента кога истекувал рокот до кој компанијата на Кефалојанис, „Чаптекс“, требала да издејствува измени во текстот на Законот за работни односи. Во оваа порака Кефалојанис го информира Кишиуж дека целта во двата случаи е целосно исполнета.

Kefalojanis potvrda rabotni odnosi zumirano
„Во врска со консултантскиот договор потпишан меѓу ’Стоунбриџ‘ и ’Чаптекс‘ на 1 јуни 2005 година, во врска со активности поврзани со Законот за работни односи, а во согласност со одредбата 5.3 од договорот, ве информираме дека го постигнавме следниов напредок и дека ги остваривме целите наведени во точките 1 и 2 од договорот“, пишува во пораката, која го содржи потписот и на Кефалојанис и на Кишиуж. Со неа, практично, „Стоубриџ“ потврдува дека „Чаптекс“ ги остварил посакуваните цели во врска со законот за работни односи и дека на „Чаптекс“ може да им се исплатат договорените 980.000 евра.
Halasi Baranji imame lobi kanali za rabotni odnosi
Дополнителна потврда дека Македонски телекомуникации и Маѓар телеком се вмешале во пишувањето на Законот за работни односи, со цел полесно да можат да се ослободат од вишокот вработени и да им исплатат пониска отпремнина, е содржана во е-порака испратена на 30 мај 2005 година од страна на Мартон Халаши до Јозеф Барањи, двајцата менаџери за човечки ресурси во Македонски телекомуникации. Во пораката, Халаши пишува:
„Јошка, ми побара да ти направам нацрт на основните одредби во новиот закон за работни односи. Ти ги праќам, но воедно да те информирам, исто така, ти ги праќам слајдовите што ги подготвив за Атила (Сендреј) за да го подготвам за неговата средба со Тамаш (Морваи – еден од тројцата менаџери на Маѓар телеком обвинети пред Судот во Њујорк). Во текот на неделава ќе потпишам договор со два лоби-канали на кои веќе им го објаснив концептот и делуваа многу заинтересирани, при што одделно ќе ги одредиме точките кои се од висок и од низок приоритет за нас. Ќе прифатиме дека задачата е извршена само со усвојувањето на финалната верзина на законот во Собранието“, пишува во пораката во која менаџерите на Македонски телекомуникации разговараат за договорот со „Чаптекс“ со кој, практично, е исплатен поткуп за да се смени текстот на Законот за работни односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top