| четврток, 6 декември 2018 |

Опасни игри со граници

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Европа досега се соочувала со многу кризи, но оваа, бегалската, сериозно ги доведе во прашање причините за постоењето и за функционалноста на Унијата.

Изјавата на францускиот шеф на дипломатијата Лоран Фабиус е само една во низата признанија на високи западноевропски дипломати дека ЕУ никогаш не била поразединета, а недостигот од солидарност никогаш не бил поизразен. Кризата јавно го покажа грдото лице на Европа, нагрдено со многу лузни во минатото кога Балканците се чуваа „во кафез“ и се третираа како „нецивилизирани“.

Балканот отсекогаш неправедно бил третиран како дел од Европа само за лошо, кога треба да се искористи како штит од некоја сериозна закана. Овој пат, врв на лицемерието е што место награда и подадена рака за полесно да се соочи со економскиот и со социјалниот предизвик, од Брисел се испраќаат критики и закани завиени во дипломатски ракавици. Меѓународната заедница многу добро знае дека сиромашната Македонија месечно троши по еден милион евра за да им помогне на бегалците. Затоа е крајно навредлива „помошта“ од 90.000 евра што ни ја додели Брисел, за разлика од 450 милиони евра колку што доби Грција, земја-членка на ЕУ, од каде што тие луѓе влегуваат во земјава. Помошта, како и третманот се неспоредливи, особено ако се земе предвид дека Македонија е многу помала држава, со поскромни можности и капацитети.

До кога Балканот ќе има сила да го носи товарот ќе покаже времето, но по откажувањето на ЕУ од сопствените принципи и примената на политика на затворени граници реално е многу брзо да се очекува домино-ефект што дополнително ќе ја влоши ситуацијата, но и ќе ги наруши и така кревките односи меѓу народите на овие простори.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан е сосема во право кога предупредува дека Западен Балкан не смее да стане жртва на проблемот и дека не смее да ја плати цената за кризата. Прашањето е дали Брисел има реална волја да го спречи таквиот развој на настаните и колку време ќе биде потребно за да се вклучи во решавањето на проблемот.

Во таа насока никако не може да одат в прилог најавите за можно враќање на бегалците во земјите од каде што транзитирале, ниту, пак, е од корист оправдувањето на политиката на затворени граници и на градење ѕидови. Спуштените рампи и бодливите жици не го решаваат проблемот, само го префрлаат во дворот на соседот. А тоа отвора нов проблем. Уште посериозен.

Објективно, ова е голем предизвик и за Европската унија, па поради тоа сакаме да веруваме дека ситуацијата е привремена и дека многу брзо ќе се најде начин како да се соочи со него, но во исто време и ќе најде доблест да ја награди пожртвуваноста на Македонија и на Србија.

Наградата е повеќе од заслужена, но и повеќе од неопходна за да се избегне засилувањето на национализмот во државите и за да им се „затворат устите“ на евроскептиците. Европската унија ќе мора не само да почне преговори за членство, туку и во краток рок да ни овозможи членство. Со тоа ќе покаже дека не е залудна солидарноста и пожртвуваноста на Балканците и дека нивното место, реално, е во големото европско семејство.

Доколку Брисел продолжи да нѐ експлоатира за свои цели без притоа да оддели реален дел од колачот за земјите од регионот, не само што ризикува драстично опаѓање на поддршката кај граѓаните, туку и отворање сериозен безбедносен проблем, кој може за миг да го запали Балканот, а огнот потоа многу лесно да се префрли преку бодливата жица од другата страна на границата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top