Припадниците на Зет-генерацијата родени од 1995 до 2010 година, кои се 18 отсто од светската популација, за 20 години ќе ја управуваат планетата.
– Мила бабо, волкот постојано ме пресретнува во шумата, па ти се јавувам по е-поша. Колачите, цвеќето, овошјето, виното и лековите ти се во атачмент. Патем, зошто имаш толку голем фонт?
Така комуницираат припадниците на Зет-генерацијата, родени од 1995 до 2010 година, кои се 18 отсто од светската популација и кои за 20 години ќе ја управуваат планетата.
Тоа е генерација за која на шега се вели дека попрво научила да се служи со компјутерско глувче, отколку со нож и со виљушка. Тие попрво пишуваат, а не зборуваат и почесто комуницираат на интернет, дури и со лица кои никогаш не ги сретнале, отколку со своето семејство. Први се кои се родени во целосно компјутеризиран свет и виртуелниот свет за нив има иста важност како и тој во кој физички се наоѓаат.
Првите мобилни телефони ги добиле на 9-годишна возраст, четири години порано од претставниците на ипсилон генерацијата, во која спаѓаат тие кои се родени по 1981 година.
– Припадниците на Зет-генерацијата се родени во време на борби против тероризмот и развојот на еколошката свест, во време на паметните телефони, „Фејсбук“ и „Твитер“. Комуникацијата им е брза и површна, вниманието слабо, умеат да вршат повеќе работи истовремено, но не се во состојба да ја одржат концентрацијата на долги патеки. Тие не читаат книги туку гледаат филмови, не праќаат пораки и не читаат блогови, бидејќи немаат време за тоа – објаснува психотерапевтот д-р Зоран Илиќ.
Музички идоли им се Ријана, Џастин Бибер, Леди Гага, фудбалерите Меси и Роналдо, а животен идол Марк Цукерберг, основачот на „Фејсбук“. Икс-генерацијата и понатаму го управува светот, а претставниците на ипсилон и на Зет-генерациите се нивните размазени деца на кои родителите им купуваат скапи играчки од страв дека нема да ги сакаат ако немаат најнов мобилен „ајфон“ или таблет. Поради тоа, во оваа генерација расте агресијата, себичноста и нарцисоидноста. Тие имаат многу виртуелни пријатели кои не ги познаваат и сите лица кои не користат интернет ги сметаат за неандерталци.
Се здружуваат за куси проекти во кои се многу добро организирани, брзината им е поважна од точноста. Не се истрајни, хедонисти се и сакаат патувања, лојални се на својот социјален круг на социјалните мрежи, неоптоварени се со културното наследство, моментално се стремат да се ослободат од тензиите и се склони на инстант уживање без размислување за последиците.
Доктор Илиќ истакнува дека семејствата во кои растат припадниците на зет генерацијата се често помали со еден родител. Затоа тие главно растат сами, бидејќи нивните родители работат и своето отсуство го компензираат со купување на скапи играчки и модерна технологија. Овие деца побрзо се осамостојуваат, а нивното детство се скусува. Нивни играчки се мобилните телефони и таблетите и тие меѓусебно најдобро комуницираат по пат на интернет.
Тие се супериорни во информатичките знаења, бидејќи со компјутерите комуницираат подобро отколку со луѓето.
Социологот Споменка Ѓуриќ, објаснува дека Зет-генерацијата всушност е генерација на развиениот западен свет која е многу вешта во користење на информатичките технологии и насочена на инстант задоволства и потрошувачка. Институцијата семејство за нив е помалку важна од претходните генерации, било поради тоа што голем број од родителите се разведени или бидејќи виртуелните пријатели им се поважни од семеен ручек.
– Нивните родители, припадници на Икс-генерацијата, сè уште се на раководни позиции во големи фирми. Тие се навикнати на работнички права, работно време од-до и корисни се во традиционалните и конзервативните индустрии. Тоа се лекари, даночни советници, инжинери и градежници, на кои им се важни титулите и статусните симболи. Меѓутоа, припадниците на зет генерацијата го отфрлуваат традиционалниот начин на живот, а нивниот вредносен систем се темели на пари и на успех. Родителите ги доживуваат како алка за постигнување на успех, а ако оценат дека тие се помалку успешни во општеството или без пари, престануваат да бидат нивни примери – вели Ѓуриќ.
Припадниците на Зет-генерацијата најверојатно нема да се занимаваат со занимања со кои се занимаваат нивните родители. Истражувајќи кои занимања ќе бидат најбарани во идните 20 години, претставниците на британската компанија „Фаст фјучр“, наведуваат дека работните места во иднина ќе бидат поврзани за развојот на медицината и за климатските промени, а неизбежен сектор во кој ќе се развиваат новите струки е и виртуелниот свет.
Меѓу најпопуларните занимања ќе се наоѓаат и велнес експертите за постари лица, специјалисти за манипулација со климата, вселенски пилоти, генетски дизајнери, научници кои се занимаваат со наномедицина, социјални работници за социјални мрежи и тие кои работат на развој на возила на алтернативни извори на енергија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.