Легендарниот шведски ракометар и актуелен селектор на својата земја, Штафан Олсон му се приклучи на ѕвездениот ПСЖ и во следните две години ќе му биде помошник на првиот тренер Звонимир Нока Сердарушиќ на клупата.
Францускиот тим денеска го официјализира договорот со шведскиот тренер.
– Претставува големо задоволство да се биде дел од ПСЖ. Овде сум да му помогнам на Нока Сердарушиќ да го однесеме тимот на европскиот врв – изјави 51-годишниот Олсон по потпишувањето на договорот.
Тој во својата кариера има освоено се што може да се освои во ракометот на клупски и репрезентативен план. Со репрезентацијата на Шведска освои четири европски и две светски титули, а со Сердарушиќ кој му беше тренер кога настапуваше за Кил во периодот од 1996 до 2003 година освои и пет титули во Германија.
Од 2008 година тој е селектор на репрезентацијата на Шведска со која стигна до финалето на ОИ 2012 во Лондон. Паралелно со ангажманот во ПСЖ, Олсон во првата година од договорот ќе остане и на кормилото на шведската репрезентација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.