Во Порта Македонија денеска директорот на Државниот архив на Република Македонија, Филип Петровски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го промовираа проектот за издавање на една едиција, серија на копии од репрезентативни документи од македонското културно наследство која ќе овозможи, во своите приватни библиотеки, секој граѓанин на Република Македонија да ги поседува фрагментите од Евангелието на Лука од 12 век, решението за прогласување на Илинден – 2 август за народен празник на Македонија, решението на АСНОМ за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во Македонија, Законот за името на Народна Република Македонија, Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава како и многу други значајни документи од ризницата на Државниот архив.
-Овие документи се наше непроценливо богатство и кои ќе бидат објавени и испечатени во наредниот период. Овој проект ќе има големи придобивки за сите генерации бидејќи преку него, сите ние, ќе можеме најнепосредно да стекнеме сознанија и да се навратиме на најзначајните појави и процеси во поновата историја на Македонија, да се потсетиме на сите заложби на македонскиот народ, на неговата револуционерна и духовна сила во остварувањето на државотворните цели. Оваа едиција е особено значајна во контекст на афирмацијата на Република Македонија како држава со богато револуционерно и политичко минато, држава која поминала низ различни историски премрежја во градењето на својот идентитет, рече Канческа-Милевска.
Ексклузивната серија копии на овие значајни документи која е изработена на фабијано хартија и е прва од овој вид наменета за промовирање на македонската историја во земјава и во странство.
-Од денеска ќе може да се најде во сите сувенирници кои се под надлежност на Министерството за култура и секако во Државниот архив на Република Македонија,на веб страната на Архивот исто така ќе биде поставен каталог и секој заинтересиран граѓанин ќе може да нарача едиција на документите кои сака да ги поседува. Ценам дека оваа серија на копии ќе предизвика голем интерес особено кај Македонците во дијаспората и во таа насока, сакам да го изразам моето уверување дека едицијата контунирано ќе се збогатува и дека ќе има големи афирмативни ефекти за македонската историја и култура, подвлече Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.