Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави вечерва дека ако во наредните 30 часа не биде постигнат договор со Хрватска, српската Влада подготвила пакет мерки за сопствена заштита и заштита на економските интереси, јави Танјуг.
По седницата на српската Влада и Бирото за координација на работата на службите за безбедност Вучиќ изјави дека владата го ополномоштила да разговара со раководството на Хрватска и тој ќе се погрижи да биде постигнат договор, но ако тоа не се случи, има подготвено пакет мерки, што ќе почне да се применува од 24 септември.
Премиерот истакна дека предвидените мерки се на три нивоа, и се од политички, економски и од правен карактер.
– Се надеваме дека нема да треба да применуваме ниту една – рече Вучиќ.
Повеќе од 30.000 имигранти, од кои многу сириски бегалци, влегоа во Хрватска од Србија откако минатата седмица Унгарија го попречи со метална ограда нивниот пат кон ЕУ преку српско-унгарската граница.
Хрватска соопшти дека не може да се справи со нивниот огромен број. Таа веќе ги затвори сите гранични пунктови со Србија со исклучок на еден, а вчера утро запре и преминувањето на камиони по магистралата меѓу Белград и Загреб, една од главните артерии на Србија во западна насока.
Српскиот премиер предупреди дека ако Хрватска не ја крене блокадата, Србија ќе биде принудена да се заштити по правен пат поради нарушување на редица билатерални и меѓународни односи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.