| четврток, 6 декември 2018 |

Состојби што го нарушуваат менструалниот циклус

Состојби што го нарушуваат менструалниот циклус

naslovna-450x256

Стрес
Стресот влијае на нормалното ниво на хормони во организмот и може да ја одложи овулацијата, а оттаму и менструацијата. Големите промени во начинот на живот и стресните настани го зголемуваат нивото на кортизол, стрес хормон во телото, којшто влијае врз секрецијата на хормоните естроген и прогестерон. Промената во нивоата на хормоните може да ја одложи менструацијата.

Драстични промени во телесната тежина
Ако во последно време сте вовеле строги рестрикции во исхраната и брзо сте ја намалиле тежината, или пак, прекумерно сте јаделе и брзо сте качиле вишок килограми, можно е да се соочите со нередовна менструација. Брзите и значителни промени во телесната тежина може да предизвикаат хормонална нерамнотежа во организмот и да влијаат врз редовноста на менструалните периоди. Шансите за доцнење на менструацијата се зголемуваат и ако имате екстремно ниска или прекумерна телесна тежина.

Нарушувања во исхраната
Одредени состојби поврзани со нарушувања во исхраната, како булимија или анорексија, сериозно влијаат на редовноста на менструалните периоди.

Премногу напорно вежбање
Вежбањето носи купишта здравствени придобивки, но ако сте жена, умереноста е исклучително важна. Физичкиот стрес предизвикан од напорното и интензивно вежбање често предизвикува нарушување на рамнотежата на хормоните. Нередовните менструации се многу честа појава кај спортистките.

Возраста
Постојат два периода во животот на жените кои се карактеризираат со нередовни менструации:
Пубертет. Нередовните циклуси се карактеристични за адолесценцијата. Првите менструации кај повеќето тинејџерки се нередовни – некогаш започнуваат порано, некогаш подоцна; понекогаш траат подолго, а понекогаш пократко. Во некои случаи се потребни и по неколку години за да  постигнат рамнотежа хормоните кои ја контролираат менструацијата.
Перименопауза и менопауза. Промените во редовноста на менструацијата често се знак дека наближува менопаузата. Преодот кон менопаузата, кој се нарекува перименопауза, се карактеризира со непредвидливи менструални циклуси. Менопаузата настапува откако ќе поминат 12 месеца од последната менструација.

* Одредени здравствени состојби како:
– Синдром на полицистични јајници;
– Ендометриоза;
– Проблеми со тироидната жлезда.

Болест, операција и примање лекови или контрацепциски таблети
Некои лекови и таблетите за контрацепција предизвикуваат одложување на менструацијата или пак промени во времетраењето на крвавењето. Во поретки случаи може да дојде до целосно прекинување на циклусите. Исто така, за нередовна менструација може да придонесе и појавата на посериозна болест, хронично заболување или одредена хируршка интервенција.

Доење или високо ниво на пролактин

Абнормално високото ниво на пролактин во организмот може да доведе до нередовни менструации или отсуство на менструално крвавење. Многу доилки немаат редовна менструација сè додека не престанат да дојат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top