Недржење растојание и пребрзо возење се причините за двете сообраќајни несреќи што се случиле во Тетовско во текот на вчерашниот ден. Во сообраќајките полесно се повредени шест лица, а причинета е материјалната шета од околу 80 илјади денари, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Првата од сообраќајките се случила околу 10 часот на локалниот пат Тетово – Требош и во неа учествувале автобус „мерцедес“ со тетовски регистерски таблици управуван од Б.Д.(34) од Сараќино и патничко возило „шевролет спарк“ со прилепски таблици што го управувала С.П.(54) од Прилеп.
– Во несреќата со телесни повреди задобила 38-годишна сопатничка од автобусот, која била пренесена во тетовската Клиничка болница и по укажаната помош била пуштена на домашно лекување. Според првичните податоци од извршениот увид, причина за сообраќајката е недржење растојание. Материјална штета се проценува на 50 илјади денари – рече Јосифовски.
Втората несреќа се случила на локалниот пат Раковец – Пирок вчера попладне околу 16 часот и 20 минути. Во неа со телесни повреди се здобиле пет лица откако патничко возило „опел зафира“ со странски таблички управувано од А.О.(35) од Пирок загубило контрола, удрило во бетонска шахта и излетало од коловоз.
– Повредените пет сопатници во возилото на возраст од 10 до 35 години, сите од Пирок, со друго возило биле пренесени во тетовската болница и по укажаната помош сите биле пуштени дома. При увидот било утврдено дека причина за излетувањето е неприспособена брзина според условите на патот, односно пребрзо возење. Материјалната штета се проценува на 30 илјади денари – рече Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.