| четврток, 6 декември 2018 |

30-годишен маж е жртва на убиството во Свети Николе

Sveti_Nikole_43

Полицаец од Свети Николе, синоќа, додека бил на должност, пукал и усмртил 30-годишен возач од Свети Николе. Трагедијата, според соопштението на Јавното обвинителство, се случила кога возачот се обидел да го прегази полицаецот.

Според првичните сознанија, полицаецот при вршење на службени дејства, забележал возило „лада“, кое се движело со голема брзина, и велосипед што се движел пред него. При што, возачот, видно лут од велосипедистот поради тоа што се движел пред него и му пречел во движењето, го запрел возилото и почнал вербална и физичка расправија. Полицаецот пристапил, ги одвоил лицата и почнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој, пак, давал отпор и почнал со тегнење и со туркање да се спротивставува на службеното лице. Потоа возачот седнал во возилото и почнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот, се наведува во соопштението на обвинителството.

Отаму објаснуваат дека, откако полицаецот паднал на патот, возачот на двапати, движејќи се по патот  и вртејќи полукруг се враќал кон полицаецот обидувајќи се да го прегази. Тогаш, при вториот обид, полицаецот во полуседечка положба пукал со службениот пиштол, по што возачот бил усмртен.

Од обвинителството истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top