| четврток, 6 декември 2018 |

Душко Миновски: Висок службеник од МНР не е унапреден само поради својата хомосексуална ориентација?!

diskriminacija

Судии од граѓанските оддели од сите апелациски подрачја, адвокати и претставници од Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права, денеска учествуваат на советување на тема „Заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација“.
Целта на советувањето, како што изјави директорката на Академијата за судии и за јавни обвинители Анета Арнаудовска, е да даде преглед на меѓународната и националната судска практика во постапките за утврдување дискриминација врз основа на сексуална ориентација.

Целна група се судиите од работните спорови бидејќи сакаме да ги унапредиме вештините на судиите и адвокатите во правец на препознавање на повредите на правата на овие лица во највиталниот дел на општеството, а тоа е вработувањето, унапредувањето на работното место, отпуштањето од работа и платата, односно со цел да се обезбеди целосно „уживање” на правата од работен однос на овие лица за нивна целосна инклузија во општеството – рече Арнаудовска.

Одговарајќи на новинарско прашање таа посочи дека по оваа основа досега нема судски предмет во постапка.
По судиите од граѓанскиот оддел, како што најави, советувања ќе се одржат и за обвинителите и за кривичните судии за да се запознаат со стандардите за криминалот од омраза и говорот од омраза во однос на овој дискриминаторски основ и да се подготват целните групи за евентуално ефективно решавање на тие предмети.

Според Душко Миновски од Комисијата за заштита од дискриминација важно е судската фела да се „инфицира” со овој сегмент, кој е многу важен во контекстот на нарушување на човековите права.

Комисијата за четири и полгодишното работење има преку 360 претставки. Генерално претставките не се поднесуваат од индивидуални лица, кои и припаѓаат на оваа заедница, туку тоа најчесто го прават невладини организации што се занимаваат со проблемите на ЛГБТИ популација – рече Миновски.

Информира дека имаат една претставка од високопозициониран државен службеник во Министерството за надворешни работи, меѓутоа, како што рече, не констатирале дека тој не е унапреден само поради тоа што ја кажал својата хомосексуална ориентација.

Миновски истакна дека најчесто до Комисијата пристигнуваат претставки што се однесуваат на вознемирување. – Имаме претставка за два учебника во средно образование и еден во високообразовните во кои авторите сакајќи да ги опишат припадниците на оваа заедница најчесто користат терминологија која ги вознемирува овие лица, рече Миновски и додаде дека има измена на учебниците во тој дел.

Според Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центар, претставките кои во последнава година-две пристигнуваат до Центарот најчесто се однесуваат на семејно насилство.

Советувањето го организира Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка и со финансиска поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top