Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити пред месец и пол ја „остреше“ албанската дијаспора во САД да дојде да гласа на локалните избори, ветувајќи ѝ дека, како што рече, „по 24 март 2013 година, Кичево дефинитивно ќе стане Керчова“. Но деновиве гледаме дека за Кичево сѐ повеќе се форсира едно сосема поинакво име – Ускана, пишува дневниот весник „Нова Македонија“.

Новиот кичевски градоначалник Фатмир Дехари минатата недела имаше интервју за телевизјата „Алсат-М“, пред кое беше најавен, меѓу другото, и како прв човек на Ускана. Графити со ова име веќе осамнаа низ Кичево. Дури има и интернет-страници и фејсбук-групи што се викаат „Ускана 2013“, со што ова име се наметнува како своевиден симбол на албанизацијата на градот и на општината.
Што е тоа Ускана? Сепак не е некој нов збор, тазе измислен со единствена цел да придонесе кон бришењето на македонските траги од Кичево. Зборот бил во употреба во Кичевско подолго време, има дури и фирми регистрирани со тоа име. Тоа е термин стар најмалку 2.200-2.300 години, за кога постојат историски сознанија дека некаде во тој крај имало антички град што се викал Ускана. Сознанија има, но докази сѐ уште нема, зашто досега не било направено ниту едно теренско истражување со кое ќе се потврди оваа теза. Ускана не е пронајдена. Градот се споменува пред сѐ во римските историски списи што сведочат за македонско-римските војни. Се вели дека во градот живееле Пенестите, за кои постои верување дека биле илирско племе (оттука и денешните Албанци сметаат дека им припаѓа името Ускана), но има и теории дека можеби биле северни Епирци. Поради одредени историски околности, и тие се недоистражена материја во историјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


