| четврток, 6 декември 2018 |

Нови волонтери од Мировниот корпус во Македонија

волонтери

Четириесет и шест Американци ќе се приклучат на групата која брои повеќе од 500 американски државјани кои биле во Македонија од 1996 година, со цел да служат како волонтери во Мировниот корпус. По пристигнувањето на 20 септември волонтерите ќе работат на подобрување на наставата по англиски јазик во училиштата и на развојот на заедниците во Македонија во текот на својата двегодишна служба.

– Придонесот на Мировниот Корпус во Македонија е огромен. Заемната размена на искуства и знаење што го добиваат двете страни, народот во Македонија и волонтерите, ги прави напорите на Мировниот корпус навистина значајни- изјави директорката на Мировниот корпус во Македонија, Кетлин Кори.

Новите волонтери кои се на возраст меѓу 20 и 60 години, ќе работат во соработка со министерствата за образование, локална самоуправа и за труд.

Новата група волонтери, која воедно претставува 20. група волонтери коишто живеат и работат во Македонија, ќе ги поминат првите 11 недели во обука, која ќе вклучува изучување на македонскиот и/или албанскиот јазик и култура и ќе живеат во македонски/албански семејства.

На почетокот на декември, волонтерите ќе бидат распоредени на различни локации низ Македонија, каде што ќе почнат со својата работа за областа на развојот на заедницата или во улога на наставници по англиски јазик. Тие ќе бидат вклучени во работата на локалните невладини организации, општини и основни и средни училишта низ Македонија, во руралните места, и ќе работат во тесна соработка со локалните партнери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top