| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Кај претседателот нормално се преговараше кога имаше одговорни лидери; за жал лидер на опозицијата е Зоран Заев

goran-kol-22-liderska-kaj-ivanov-gruevski-ahmetiЗоран Заев е тој што со своите изјави лаже и грубо ја манипулира јавноста, реагира претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, откако лидерот на опозицијата го посочи како „статист на политичката сцена“.

-Уште една потврда дека првиот човек во државата, претседателот на државата е само статист на македонската политичка сцена. Јас ќе ви кажам вака: бевме во Стразбур, преговаравме во кабинетот на Хан, бевме во Брисел, преговаравме во кабинетот на Хан, бевме овде во Пржино во резиденцијата на Европската унија и ако беше сè нормално во Македонија требаше да преговараме во резиденцијата на претседателот на државата- вели Заев во синоќешното телевизиско интервју.

-Разрешницата на актуелната политичка криза почна на моја лична иницијатива- се посочува во реакцијата на Иванов, каде што набројува иницијативи, покани и одбивања на Заев за средби.

 – По подолг период без елементарен политички дијалог, на 10 мај 2015 година, утрото, лично му се јавив на Зоран Заев и го поканив на Советот за безбедност. Тој ја прифати поканата и учествуваше на седницата на Советот одржана во проширен состав. На самата седница, на политичките лидери им најавив дека наредните денови ќе свикам лидерска средба во мојот кабинет за надминување на политичката криза. Три дена подоцна повторно му се јавив за да го поканам тој ден да учествува на лидерска средба во претседателскиот кабинет. Зоран Заев побара да се консултира со партијата- стои во соопштението.

– Сега го повикувам Зоран Заев да покаже образ и да ѝ објасни на јавноста и на сопственото членство поради кои причини не ја прифати поканата да учествува на лидерската средба во претседателскиот кабинет. Да го потсетам, аргументот што мене ми го кажа е дека не постојат никакви гаранции дека тој нема да биде уапсен врз основа на обвиненијата што се поведени против него. Мојот кабинет за овој разговор ги извести амбасадорите на САД и на ЕУ, и под нивен притисок, Заев прифати да учествува на лидерската средба, но во Клубот на пратеници- наведува Иванов, и додава уште неколку работи,  „кога веќе Зоран Заев сака да манипулира и дрско да ја лаже македонската јавност“.

– Првата политичка криза во 2011 година беше решена со серија лидерски средби, во потесен и во проширен состав, на моја иницијатива во претседателскиот кабинет. Кризата од 2012 година, по настаните во парламентот од 24 декември, беше повторно надмината на моја иницијативата, а со учество на ЕУ и на лидерите на политичките партии. Веднаш по мојата втора инаугурација, повторно го поканив Заев на средба во кабинетот. Заев  ја прифати поканата, но до ден-денес сè уште се нема појавено. Сето ова јасно укажува на неговиот континуиран однос кон државните институции – наведува претседателот на државата.

-Република Македонија има сили да ги надмине сите политички предизвици, со сопствени капацитети, но само доколку лидерите на политички партии се однесуваат одговорно кон државата, кон граѓаните и кон своето членство. За жал лидери од профилот на Зоран Заев очигледно недоволно ја разбираат нивната улога и одговорност,  или се заложници на концептот за уривање и дискредитирање на институциите по секоја цена.

На крајот, Зоран Заев вчера кажа „ако беше се нормално во државата требаше да преговараме во резиденцијата на претседателот“. Во резиденцијата на претседателот секогаш нормално се преговараше кога во Македонија имаше одговорни лидери. За жал, опозицијата сега за лидер го има Зоран Заев – стои во реакцијата на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по изјавите на Заев во синоќешното телевизиско интервју.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top