| четврток, 6 декември 2018 |

Србија и Литванија во битка за финале на ЕП и за олимписка виза

Србија и Литванија ќе играат меѓусебе во второто полуфинале на ЕП, а победникот ќе игра за златниот медал против Шпанија и патем ќе обезбеди олимписка виза за Рио де Жанеиро.

Србија нема пораз во досегашниот тек на шампионатот и е најефикасната екипа на првенството со просек од 88,3 поени, а што е уште позначајно и дава ефект е што „орлите“ играат и одлична одбрана. Со тимот диригира извонредниот Милош Теодосиќ, новиот рекорде на европските првенства со 14 асистенции на еден меч. Радуљица, Бјелица, Богдановиќ, Ерцег, Калиниќ, Марковиќ и останатите кошаркари на Србија сочинуваат извонредно силен колектив, што од клупата импресивно го предводи легендарниот Александар Ѓорѓевиќ.

Токму тој ужива во дуелите со Литванија, а во 1995 година против нив одигра блескава партија зачинета со 41 поен и удар за тројка 9/12. Ѓорѓевиќ може да стане само вториот човек во Европа по Панајотис Јанакис кој има континетални титули и како играч и како селектор.

srbija

Србија има можност да го репризира подвигот на Литванците од 2003, кога тие стасаа до златото на ЕП без пораз. Но, вечерва од 21 часот во Лил многу работи ќе зависат и од Литванците. Една од европските колевки на кошарката игра се подобро како одминува турнирот и има адути за победа во полуфиналето. Дуото Мачијулис и Валанчиунас игра извонредно, а тимската игра е голем адут на Литванците. Оваа репрезентација има и искуство и квалитет за рамноправен дуел со Србија, а играчите на популарната „Зелена шума“ посакуваат и седми едноподруго настап на Летни Олимписки Игри. Србија досега не играла на кошаркарскиот олимписки турнир, под сегашното име на државата.

seib

Победникот ќе игра со Шпанија за златен медал во недела од 19 часот, а поразениот со Франција за бронза од 14 часот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top