Неспорно е дека никого не изненади тоа што Република Македонија повторно одвоено го прослави Денот на независноста. Социјалдемократите новата традиција на собирањето на скопското Три Круши го надополнија со посетата на гробот на првиот претседател на државата, но и носител на „Членската книшка број 001 на СДСМ“, Киро Глигоров. Иако, во суштина, обраќањата на Денот на државноста во себе носат исти пораки за евроинтеграциите, за досегашните и за идни успеси и предизвици, сепак, различните позиции во постпржинскиот, а предизборен период доминираа над Драчево.
Груевски „Целосно спроведување на Договорот“; Заев „силен исчекор од 50 до 70 проценти“
– Договорот од 2 јуни, како и протоколот од 15 јули мора целосно и дословно да се спроведат и да завршат со парламентарни избори на 24 април 2016 година – порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на свечената академија по повод одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија. – По нив – додаде – никој нема да може да има алиби и да не ги признава изборите.
– На Македонија ѝ е доста од бојкоти и од политичари кои немаат доблест да излезат пред својата партија и пред народот и да признаат пораз. Реформите што ги договоривме мораме навреме и квалитетно да ги завршиме. Државата со нив треба да се придвижи напред и да воведе повисоки стандарди во различни области – истакна Груевски.
Ако Никола Груевски јасно и недвосмислено ги нагласи „целосно и дословно“ исполнување на договорените точки, Заев договорот го стави на располагање на изборниот маркетинг. Говорејќи во контекст на предизвиците пред партијата, кои тој ги нарекува придобивки „од притисок“, посочил на проценти со кои тој би бил задоволен.
– На сите овие придобивки заедно да им се радуваме, да бидеме посветени и притисокот секојдневно да го правиме, затоа што овие придобивки не се придобивки од избори, овие придобивки можеме да ги постигнеме во текот на следните месеци. А верувајте, при барем силен исчекор на 50 до 70 проценти од сите обврски, ќе ја видите леснотијата со која Груевски ќе биде поразен – изјави Заев.
Од Три Круши над скопско Драчево, од новосоздадената традиција на СДСМ за собирање за Денот на независноста, партискиот челник, Зоран Заев, зборувајќи за предизвиците „до слободата“, периодов ги посака „независни“ и Македонската радио-телевизија, Агенцијата за аудиовизуелни услуги, Судството, изборното законодавство, избирачкиот веродостоен список…
Порачува ли Заев „Не оставајте ме сам“?
Ако до овој предизборен период СДСМ се потпираше на Бранко Црвенковски, вечниот почесен лидер на партијата, Заев сега се врти кон Глигоров. Очигледно е дека во градењето на имиџот за изборите, консултантите не можеле да најдат друга фигура во партиската историја. Промовирајќи ја новата потпора во колективната меморија – ликот и делото на Киро Глигоров – Заев ќе треба да се наврати и на тој период, зошто изостана раководството на неговата партија на прославата на независноста, потоа за додавката на референдумското прашање, инсистирањето да се свири југословенската химна во собранието…
Името на Глигоров сега беше искористено како синоним на трпение, искуство, сплотеност, смиреност, слобода. Но, во колективната меморија е и повикот на, тогашниот кандидат за претседател, Киро Глигоров, од изборниот митинг во 1994 година „Не оставајте ме сам“.
Ако се земат предвид несогласувањата и раздорот меѓу опозицијата и граѓанството во последниот период, сомнителните придобивки од притисокот и очекувањата што ги наметна Заев, беше ли неговото обраќање од Три Круши вовед во неговиот иден апел да не биде оставен сам?
Основните вредности не се алатка за ситни поени
– Најмногу разочарува тоа што политичките партии, опозицијата, сакаат и од оваа тешка борба за помош на новите генерации да станат поуспешни и посреќни во животот, со менување на некои наследени лоши навики, со повеќе учење и пред сè знаење, сакаат да исполитизираат и сето ова да го користат во политичко-партиски цели – оцени Никола Груевски, за кого науката и иновациите се ресурсот со кој може Македонија да ја движи напред.
– Многу е опасно кога учениците и родителите неодговорно ги гледаш како бројка на гласачи на кои треба да им се угоди за да гласаат за тебе, дури и кога правиш чекори со кои на долг рок им одмагаш, а тие во моментот не се свесни за тоа. Ако и ние се вклучиме во таа битка, и почнеме да се натпреваруваме која партија ќе овозможи полесно земање диплома без знаење, каде ќе оди државата? За каков ли напредок ќе зборуваме, за каков квалитет во образованието? Апелирам, основните вредности да не се предмет на политичко поткусурување и на собирање ситни политички поени – рече Груевски.
Историјата за Заев почнува од Глигоров
– Сите теории дека Македонија е привремена држава паднаа во вода – истакна Груевски, говорејќи за македонскиот пат до независноста. – Референдумот на 8 септември 1991 година беше завршница по многу години борба, огромен број положен жртви, уништени животи, затворања и малтретирања – рече премиерот Груевски.
Тој потсети дека комунистичкото движење во 20-тите години од минатиот век одлучило да се признаат малите народи и нации и да им се признае државноста, меѓу кои и на Македонија и на македонскиот народ. Но, и дека со тие заложби по Втората светска војна, заради хармонија, Македонија стекнува државност, но само во рамките на Југославија. А потоа следуваат 45 години на тежок и на брутален режим, но и на континуиран отпор на народот за целосна независност, кој преку разни етикетирања, затворања и ликвидации се потиснува или се прикажува на поинаков начин во тоа време, додава Груевски.
– И сето тоа трае до следната историска шанса, која доаѓа со падот на комунизмот во сите земји во Европа, па и во Југославија, и со распаѓањето на Југословенската федерација. Тоа е повторно историски момент, историска шанса, која правилно се искористува, за конечно создавање на слободна, суверена и независна Република Македонија, заокружено преку активностите на политичките партии и на парламентот, и запечатен со референдумот токму на овој ден, на 8 септември, во 1991 година – посочува Груевски на Денот на независноста.
Заев пак, на прославата на Три Круши се искачи откако го посети гробот на првиот претседател, Киро Глигоров. Дури и низ целото обраќање користеше негови реченици, синоними кои би требало да потсетат на неговите лик и дело. Дури и го цитираше Глигоров со неговите зборови по референдумот: „Почитувани граѓани и граѓанки, нека ви е честита на сите Вас и на сите граѓани и граѓанки на Р.Македонија, слободна, самостојна и суверена Република Македонија“.
– Тоа се зборовите на претседателот наш мудар, кој во 1991 година, во време кога се раздружуваме од бившата татковина Југославија, кога во другите земји паѓаа млади човечки животи, со трпение, со мудрост, со искуството што тој го имаше, од кое мораме да учиме сите, се избори, без капка крв, без каква било жртва, да си ја добиеме независноста и самостојноста
– оцени Заев.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 158. број на неделникот „Република“, 11.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата