Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, попладнево на прес-конференција во Брисел потврди дека Европската комисија решила да обезбеди финансиска помош преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за Македонија и за земјите од Западен Балкан во справување со бегалската криза. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан потврди дека Македонија, која цело време на прес-конференцијата ја условуваше со навредливиот акроним „ФИРОМ“, ќе добие 24 милиони евра.
Во своите излагање на пресот, еврокомесарот потврди дека во моментов има 20 милиони бегалци во соседството на Европа, што е една третина од сите бегалци низ светот и дека тоа е најголема бројка бегалци што некогаш е видена во човековата историја. Тој рече дека Европската унија сака сето ова да го стабилизира и да ја задржи жива надежта на бегалците да се вратат дома колку што е можно побрзо.
– Ние како Еворпска комисија помагаме преку моето портфолио и со помош на моите колеги. Парите се круцијални, но не само тоа, треба да се адресираме и кон политичките причини, посебно за Сирија да се најде политичко решение – рече Хан.
Во однос на Србија и како што само еднаш нѐ нарече „поранешната југословенска Република Македонија“, а сѐ понатаму со „ФИРОМ“, Хан посочи дека сака да биде кристално јасен дека Западниот Балкан е енклава во ЕУ и за да се дојде таму, бегалците мора да дојдат преку една земја-членка на Унијата.
– Ние не ги обвинуваме овие земји за послаба гранична контрола ако нашите земји-членки не си ја работат добро својата работа. Ние немаме интерес од дополнителна нестабилност. Политичкиот договор во Скопје гледаме дека се спроведува, а Србија прави добар прогрес на патот кон ЕУ и не смееме да ги ограничиме, туку напротив тие мора да добијат фер дел. Земјите од Западен Балкан не смее да станат паркинг или ничија земја за бегалците. Тоа би било геостратегиска грешка и нам ни треба студена глава од сите страни, а не тешка реторика. Токму затоа, за помош во миграциски акции во овие земји, со цел градење на прифатни центри и друго, Србија ќе добие 45 милиони евра, а Македонија – 24 милиони евра, па ако е потребно, подготвени сме да обезбедиме дополнителни пари – посочи Хан.
Според документите за доделени средства на ЕК за Македонија, од посочените 24 милиони евра, 12 милиони евра се веќе дадени во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА 1) за изградба на гранични полициски станици, борба против трговија со бели робје и засилување на полициските капацитети.
– Во рамаки на ИПА 2 програмата за 2016 година, ЕУ планирано да обезбеди 12 милиони евра за поддршка на Владата на Република Македонија. Парите ќе помогнат во спроведувањето на миграциската политика преку голем број на различни активности, вклучително и преку подобрување на инфраструктурата, опрема и ИТ-поддршка за правилно функционирање на политиката за азил и миграција. Овие средства се планирани и за зајакнување на функционирањето на визната политика, борбата против трговијата со луѓе и поддршка на жртвите на трговијата со луѓе и насилство, подобрување на условите во полициските станици и за зајакнување на капацитетите за обука и образование во областа на внатрешните работи – се наведува во документот на Еврокомисијата за Македонија.
Комесарот Хан истакна дека сака ЕУ-земјита да дадат повеќе, не само да бараат, посочувајќи дека некој ја разбираат европската надворешна политика “како кеш-машина и веруваат дека ние сме банкомат и ако го знаете кодот, добивате пари, но сите треба да ставиме внатре, за да можеме да извлечеме”.
– Сега не е време за дискусии, туку за акција – апелираше комесарот.
За тоа како Грција ја штити својата граница во однос на мигрантите, Јоханес Хан посочи дека „да се грижите и да ги контролирате надворешните граници, прво е задача на земјите на границата со соседите, но во овој случај мора да се помогне со заеднички напор”. Тој посочи дека ЕУ е подготвена д аима т.н. „жешки точки” што би биле прифанти центри каде бегалците ќе се регистрираат и ќе добијат прва помош.
Запрашан дали Македонија и Србија, како земји кои имаат договори за реадмисија со сите земји-членки на Унијата треба да примаат назад дел од бегалците што минале низ нивните територии, комесарот за преговори за проширување на ЕУ посочи дека како еврокомесар со тоа портфолио се грижи за земјите од овој процес.
– Ситуацијата е кршлива. Неодамна имавме успешна западнобалканска конференција за конективност и наша обврска како европско и семејство на ЕУ е да ги поддржиме овие земји, а не да градиме дополнителни граници. Мора да најдеме ршенеие што не дополнително ограничување и да не им ги дадеме нашите проблеми на нив, што не е фер и прифатливо – посочи Хан.
Еврокомесарот рече дека има огромно намалување на баратели на азил од земјите од Западен Балкан, потенцирајќи го Косово. А, за тоа дали Македонија и другите земји од Западен Балкан би морале да им дадат азил на некој од бегалците од Сирија, Либија, Авганистан и Ирак, доколку самите побараат, Хан истакна дека Србија и Македонија, ако бегалците аплицираат, би требало да се справат со тоа.
– Но, интерес на азилантите од тие земји е да бараат азил во Германија и други земји од ЕУ. Прво и најважно е ние Европејците, претставници на ЕУ да се концентрираме и фокусираме на тие што не посетуваат и да не ги делегираме на другите – дециден е Хан.
Тој изрази сериозна загриженост дека невидлива метална ограда се гради во делови на Европа и вети дека ќе стори се како европски политичар ова да не се случи, бидејќи, според Хан „Европа функционира само ако има мобилност, не само физичка, туку и ментална“. Во исто време, еврокомесарот за преговори за проширување потврди дека попладнево заминува за Македонија, во текот на утрешниот ден ќе се одржи рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД).
– Јас го ценам и поздравувам фактот дека под олеснување од нас, политичките партии во Македонија успеаја да постигнат краен рок за именување на Специјален обвинител и носење на закон за истиот. Тоа беше во пет утрината и дента се усвои потребната легислатива. Тоа е важен чекор и доказ дека европската заедница е блиску до развој на настаните во Македонија, а ние ќе ги следиме понатамошните чекори. Во секој случај, именувањето на обвинителите е важен елемент за нормализација на политичката ситуацијата во земјата и затоа ова е големо постигнување, јас сум среќен, но ова не е крај на приказната и земјата ќе ја „имаме на око“ за тоа – нагласи Хан.
На крајот, комесарот истакна дека Турција, која во моментов има два милиони бегалци на својата територија, ќе добие помош од една милијарда вера, исто така преку ИПА 2 фондот на ЕУ, со цел да и се олесни справувањето со огромниот број на лица од Сирија и Либија на нејзината територија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.