| четврток, 6 декември 2018 |

„Образованието и глобализацијата“ тема на Меѓународен конгрес во Охрид

Повеќе од 200 учесници од повеќе држави од Балканот учествуваат во работата на десеттиот Меѓународен конгрес на образование на тема „Образованието и глобализацијата“ што од денеска се одржува во Охрид.

Владо Тимовски, декан на Педагошкиот факултетот „Св. Климент Охридски“ од Скопје појасни дека на конгресот ќе се обработуваат четири тематски целини, зафаќајќи прашања од сите области на образовниот процес.

– Сметаме дека овие наши повеќегодишни научни средби се во прилог на развојот на образованието, можност за утврдување конкретни соработки, како на институционален така и на индивидуален план, истакна Тимовски.

На конгресот што се одржува преку соработка на Педагошкиот факултет од Скопје со сродните научни институции од Едрене, Стара Загора и Загреб, а во присуство на експерти и од Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, ќе се дискутираат повеќе теми, меѓу кои за историските и општествените аспекти на современото образование, реформите во образованието и иновациските процеси, современите тенденции во предучилишното, основното, средното и високото образование, прашањето за формирањето наставнички кадри, мултикултурното образование, информатичките технологии во образовниот процес и слично.

Иван Прскало, декан на Учителскиот факултет при Свеучилиштето во Загреб, ги нагласи воспитувањето и образованието како можеби најважни општествени функции, чиј развој налага отворање на границите и размена на искуства.

–  Своевремено децата беа ставани во функција на општеството, денес идеалот е општеството да се посвети на детето, во развојот на неговата креативност. Едноставно тоа се промените што се неминовни, но секоја промена во образовните процеси треба да се темели единствено врз емпириски знаења, да се забележи развојната компонента, рече Прскало.

Тој рече дека многу од современите општества не забележуваат дека најважната, клучната улога во процесот на развојот на образованието е самиот учител, професор, наставник…

– Тие се луѓето кои непосредно работат со децата, во нивните раце стои иднината на народот, државата, цивилизацијата. Секој народ е горд на својата посебност, но тоа домољубие мора да се искаже на вистински начин, а тоа е единствено доколку се води сметка за своето вистинско наследство – детето, истакна Прскало.

Во рамки на Конгресот на 20 овој месец во Скопје ќе се одржи и Конференција од областа на физичкото образование, на тема „Основи на моторичката писменост во раниот детски развој“, со присуство на истакнати научни и стручни работници од повеќе европски држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top