| четврток, 6 декември 2018 |

Грабар Китаровиќ: Во првиот бран во Хрватска влегоа преголем број мигранти

kolindaХрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, во врска со бранот од околу 5.500 бегалци кои во последните 24 часа влегоа во земјата, утринава изјави дека првиот ден во земјата неконтролирано влегле преголем број бегалци, и нагласи дека за неа на прво место е безбедноста на хрватските граѓани и стабилноста на хрватската држава.

Таа во изјавата дадена во Пула соопшти дека не е задоволна од тоа како мина претходната ноќ во Хрватска.

– Да, секако, Хрватска покажа хумано лице, но истакнувам дека на прво место ми е безбедноста на хрватските граѓани и стабилноста на државата. Мислам дека првиот ден неконтролирано влегоа преголем број бегалци, нагласи претседателката Грабар Китаровиќ.

Таа додаде дека нема потреба луѓето да пристигнуваат во така голем број во еден ден бидејќи Хрватска „едноставно не може да ги задоволи потребите и грижата за тие луѓе“.

Посебно нагласи дека мигрантите и бегалците не можат неконтролирано да влегуваат на територијата на Република Хрватска надвор од граничните премини.

Според неа, влезот во Хрватска мора да биде под постојан надзор бидејќи во секој момент мораме да знаеме каде се наоѓаат, односно дека мора да се води грижа за тоа.

– Многу е лошо да се влегува преку насади со пченка, границата не може да функционира како што треба и одлучно барам да се воведе поцврст надзор над државната граница, односно таа да се минува исклучиво на официјалните гранични премини”, рече претседателката Грабар-Китаровиќ.

Таа нагласи дека за сетоа ова ќе се расправа и на утрешната седница на Советот за национална безбедност.

– Хуманитарниот аспект е едното лице на оваа криза, меѓутоа второто лице секако се и безбедносните, економските, социјалните и сите други аспекти, заклучи претседателката Колинда Грабар Китаровиќ.

На крајот, додаде таа, за се што се случува треба да се информираат и подготват и граѓаните бидејќи не сака сцените какви што деновиве се гледаат кај соседните држави да почнат да се случуваат и во Хрватска.

Мигрантите и бегалците од Сирија, Авганистан и соседните држави од вчера наутро во голем број пристигнуваат во Хрватска со автобуси од Србија, откако унгарските власти ја затворија границата кон Србија, а српските власти ги пренасочуваат во Хрватска. Српските превозници ги истоваруваат од автобусите кај Товарник, на околу два километра од државната граница на Република Хрватска, каде бегалците добиваат упатства да се упатуваат кон нејзина територија, надвор од патиштата, низ полињата со пченка.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, до утринава на хрватска територија влегле вкупно околу 5.650 мигранти, а засиленото влегување преку хрватската државна граница е евидентирано околу 3 часот утринава, кога влегле околу 3.000 мигранти и бегалци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top