| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: НАТО на самитот во Варшава да ја потврди посветеноста кон почитувањето на меѓународното право

иванов

Глобалната закана од насилен екстремизам и странски терористички борци не може да се реши со бирократски процедури, туку со менаџирање на заканата. Искуството покажува дека разузнавањето и специјалните операции се најдоброто оружје во денешното безбедносно окружување. Тоа го истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на 19-тата Конференција на началници на генералштабови на армиите од земјите-членки на САД-Јадранската повелба (А-5), што се одржува во Охрид.

Иванов на собирот насловен „Здружени напори во постигнување на НАТО партнерските цели и способностите на силите“ забележа дека секоја земја може да придонесе со тоа што ќе го споделува своето искуство, оттаму неопходен е развој на превентивен механизам во борбата против насилниот екстремизам и радикализам и странските терористички борци.

–  Потребна е поинаква соработка и комуникација меѓу субјектите на системите за национална безбедност на државите. Потребен е единствен и координиран одговор на заканите. Државите од Јадранската група мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на НАТО и на Европската унија со непречен пристап до сите бази на податоци – истакна претседателот Иванов.

По однос на проблемот околу блокирањето на приемот на Македонија во НАТО, Иванов укажа дека со оставањето на нашата земја надвор од својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Иванов забележа дека блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е школски пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот.

– Ако досега прашањето за поканата на Република Македонија во НАТО беше чисто политичко, сега веќе е и безбедносно прашање. Со секое натамошно нелегално блокирање на нашето заслужено членство во НАТО се врши сериозно блокирање на колективните интереси и на темелните принципи на Алијансата – истакна Иванов.

Тој побара од државите-членки на Алијансата на претстојниот Самит во Варшава да ја потврдат посветеноста кон меѓународното право, да биде испочитувана пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, со што истовремено би се одбранил колективниот интерес на Алијансата и интересите на регионот за поголема безбедност и стабилност.

На конференцијата во Охрид, покрај началниците на генералштабовите на армиите на Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, учествуваат и командантите или замениците на националните гарди на САД кои се партнери на земјите-членки на А-5, и тоа бригадниот генерал Стивен Ферари од Националната гарда на Њу Џерси која е партнер на Албанија, полковник Шон Кејси од Националната гарда на Мериленд, партнер на БиХ, генерал-мајор Ричард Ц. Неш од Националната гарда на Минесота, партнер на Хрватска, генерал-мајор Стивен А. Креј од Националната гарда на Вермонт, партнер на Македонија, бригаден генерал Џерард Ф. Болдук од Националната гарда на Мејн, партнер на Црна Гора, како и генерал- мајор Тимоти Е. Ор од Националната гарда на Ајова која е партнер на Косово и гостинот генерал-потполковник Рахман Рама, командант на Косовските безбедносни сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top