Според податоците на Црвениот крст во Хрватска влегле околу 5.400 бегалци. Ги дочекува Црвениот крст и им обезбедува храна, вода и потребна помош. Во наредните денови се очекуваат уште 4.000 бегалци. Тие ќе бидат сместени во центри во Јежево, Кутина, Сисак и Товарник. Уште еден воз утрово од Товарник стигнал во Дуго Село, од каде ќе бидат префрлени во Регистрацискиот центар во Јежево.
Министерот за внатрешни работи Рајко Остојиќ синоќа во Товарник изјави дека хрватската полиција има целосна контрола над хрватската граница, но доколку мигрантите продолжат да пристигнуваат во поголем број Хрватска ќе мора да размисли за сосема поинакво однесување.
Премиерот Зоран Милановиќ изјави дека Хрватска е целосно подготвена за прифаќање на бегалците и дека никој нема да ги спречи да одат таму каде што сакаат.
Шефот на хрватската дипломатија Весна Пусиќ порача дека Хрватска може да се носи со „неколку илјади азиланти, но дека не е подготвена за десетици илјади“.
Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц ги потсети во телефонски разговор своите колеги од Хрватска и Словенија дека тие две земји се обврзани, во врска со бегалската криза, да ги спроведуваат прописите од ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.