| четврток, 6 декември 2018 |

Херта Милер и Том Стопард се овогодишни добитници на книжевната награда „Табернакул“

Германската писателка нобеловката Херта Милер и британскиот драмски автор Том Стопард на 15 октомври ќе бидат во Скопје, кога на свечен начин ќе им биде доделена книжевната награда „Табернакул”. Оваа награда „Табернакул“ ја доделува третпат.

132804787

Академијата на „Табернакул”, во состав Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски, и претходните добитници Милан Кундера, Љубивое Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев, ја донесе одлуката за годишните лауреати, со што овој книжевен настан, велат, ги надминува книжевните и воопшто културните настани, не само во регионот туку и во светски рамки.

– На едно место ќе се најдат, за првпат во нивниот живот, великани како Милер и Стопард, како што тоа беше и претходните години, кога големите книжевници, добитници на оваа награда за првпат се среќаваа токму во Македонија, што е голема работа за нив, а и за нашата земја – рече Ферид Мухиќ, кој го претставуваше творештвото на наградените.
На 14 октомври ќе се одржи конференција за медиумите, кога ќе бидат промовирани и романот „Патување на една нога” и збирката есеи „Секогаш истиот снег и секогаш истиот чичко” од Милер, и трилогијата „Брегот на Утопија” и трите драми „Аркадија”, „Рокенрол” и „Тежок живот” од Стопард.
Наградата се состои од бронзена скулптура, чиј автор е Горан Стаменков, златник со изгравирано име на добитникот и паричен износ од 5 илјади евра. Засега, рекоа од „Табернакул”, целиот овој настан од големо значење за земјата го покриваат сами. Најавија дека наградата „Табернакул” од годинава ќе се доделува биенално.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top