Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нема добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската унија, дека производот „Ледо“ замрзнато мелено пилешко месо во пакување од половина килограм, со датум на замрзнување 10.07.2015 и означен рок на употреба до 09.07.2016 година е небезбеден.
Станува збор за пилешко месо на хрватската компанија „Месфино“ од Чазма чиј дистрибутер е компанијата „Ледо“ од Загреб, за кој хрватското Министерство за земјоделство вчера ги извести потрошувачите дека по добиената нотификација преку РАССФ овој производ како небезбеден го повлекува од хрватскиот пазар поради утврдено присуство на бактеријата салмонела.
-Согласно сo официјалните податоци од Информативниот систем на граничната ветеринарна инспекција, во Македонија од хрватската месна индустрија „Месфино“, од почетокот на годинава заклучно со вчерашниот ден не е извршен увоз на пилешко месо – информира АХВ.
Целокупниот увоз на месо од живина од Република Хрватска во земјава се врши од одобрени објекти од Вараждинската околија/жупанија, за увозникот во нашава земја „Виндија Интернационал“.
АХВ преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на ЕУ секојдневно добива известувања за навремено откривање на опасностите кои ја загрозуваат безбедноста на храната и храната за животни, со цел преку брза и ефективна размена на информации, доколку се јави потреба, веднаш да реагира со преземање на потребните мерки за безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.