| четврток, 6 декември 2018 |

МНТ со „Електра“ победник на Фестивалот „ФИАТ” во Црна Гора

Македонскиот народен театар со претставата „Електра“, чиј режисер е Андриј Жолдак, победи на 30. издание на Фестивалот за интернационален алтернативен театар „ФИАТ” во Подгорица. На Фестивалот МНТ учестуваше и со претставата „Столови” на младиот режисер Дамјан Читкушев. МНТ освои вкупно четири награди, а претставата „Електра“ освои три награди и тоа: За најдобра претстава, за најдобра режија и за главна женска улога.

elektra2

Дарија Ризова со наградата за најдобра актерка

 

„Електра“ ги обединува сите продукциски потфати, дисциплинирана, точна и истовремено емотивна глума, естетска заокруженост и доследно спроведување на режисерската визија. Тоа претставува ново толкување на митот за „Електра“, вклопено во современиот свет и проблемите во него, пишува во образложението на жири-комисијата.

Дарја Ризова, која ја толкува главната улога во претставата за жирито во Подгорица е Електра на 21 век, која давајќи ги од себе сите физички и актерски средства, донесе сугестивно, вдахновено, точно и целосно поинакво толкување на Електра.

zoldak

Андриј Жолдак

 

– Нејзината Електра содржи нереална интелигенција која ја покажува денешницата. Режисерската визија на Жолдак во себе ги спојува врвните филмски и театарски естетики – се вели во образложението.

Специјалната награда за иновативен концепт ја доби режисерот Дамјан Читкушев за претставата “Столови” од Ежен Јонеско.

„Столови“ се играше во салата Додест КИЦ Будо Томовиќ а „Електра“ во фабричката хала Радије Дакиќ. Публиката ја награди „Електра“ со вистински овации и со огромен аплауз, а и двете претстави предизвикаа сериозен интерес кај театарската публика и кај медиумите.

МНТ повторно се покажа во најдобро светло пред црногорската публика, а режисерот Андриј Жолдак и „Електра“ беа ѕвезди на фестивалот, „Електра“ побуди огромен интерес, а МНТ и организаторите вложија големи напори оваа претстава да се одигра на фестивалот во несекојдневни театарски услови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top