| четврток, 6 декември 2018 |

Струшките плажи од петок ќе се враќаат во првобитна состојба

струга

По истекување на привремената забрана, 18 септември, за отстранување на објектите од цврста градба од струшките плажи, општина Струга ќе преземе активности за враќање на плажите во првобитната состојба, најави градоначалникот Зијадин Села.

Тој смета дека судот повеќе не треба да се меша и дека од петок веќе немаат судски спор и договорите се прекинати.

– Секој договор што концесионерите го имале дотогаш, значи дека сега е неважечки и судовите не треба да прифатат никакви жалби – рече Села.

Општината, нагласи градоначалникот, ќе ги урива сите објекти од плажите на струшкото крајбрежје, почнувајќи од градот, па сѐ до Радожда.

– Општината потоа ќе ги дава под концесија плажите според законот и стандардите. Да има монтажни објекти и шанкови кои ќе работат само во лето, а градските плажи ќе бидат на граѓаните, без концесија за да можат граѓаните и туристите со крпа и со влечки да одат и да го искористат тоа што ни го дал Господ – изјави Села.

Струшкиот градоначалник рече дека нема да има никаков компромис со концесионерите и оти ќе ги почитува законите.

На 18 септември истекуваат привремените мерки со кои Судот во Струга ѝ забрани на локалната самоуправа да презема активности за рушење на објектите на струшките плажи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top