| четврток, 6 декември 2018 |

Проектот „Ало докторе“ ги надмина очекувањата

Проектот „Ало докторе“ почна да функционира пред една година и ги надмина очекувањата. Проектот почна со 13 доктори-специјалисти кои одговараа на повиците на телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“, а денеска линијата функционира со 25 специјалисти.

За една година на линијата се регистрирани 51.700 повици од граѓани и од 1.000 до 1.200 јавувања на неделно ниво.

 

Ова денеска го истакна директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска – Вучковиќ по повод одбележувањето на една година од функционирањето на телефонската линија „Ало докторе“.

Таа пред базата на Итната медицинска помош, каде е лоцираната телефонската линија „Ало докторе“, посочи дека потребата и интересот за овој проект е многу голема.

– За цела оваа година се покажа дека многу е важно и со висок приоритет 24 часа во текот на денот да имате достапно стручно лице кое може да ве сослуша. Некогаш и само разговорот може да помогне, да даде медицински совет и соодветна симптоматска терапија или соодветно оној кој се јавува да го упати каде треба да се јави. Имаме интересни случаи годинава на „Ало докторе“, рече Баевска – Вучковиќ.

Многупати, појасни, се најдовме на помош на самохрани родители кои не се во можност во моментот со своето дете да отидат во некоја здравствена установа, возрасни лица кои живеат сами и млади лица кои во доцните вечерни часови ја користат линијата за да се консултираат со стручно лице за различни потреби.

– Другиот момент што како бенефит го имаме е моментот кон бројот 194. Бележиме значително растоварување на овој број за сите овие состојби. Претходно граѓаните го користеа бројот 194. Двата повикувачки броја се поврзани. Колегите од 194 доколку сметаат дека повикот не е за нив, го префрлаат повикот на „Ало докторе“ и обратно. Околу 20 до 25 проценти телефонската линија 194 е растоварена за Скопје, а верувам и за другите центри бидејки на 02/15 123 може да се јави секој од Република Македонија, додаде Баевска – Вучковиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top