Официјален Берлин бара Европската унија да разгледа евентуален „финансиски притисок“ против нејзините земји-членки, кои се противат на планот за прераспределба на бегалци.
Откако на вчерашниот состанок во Брисел членките на ЕУ не успеаја да се договорат да прифатат дел од барателите на азил, денеска Германија бара најголемите противници на планот да бидат казнети со прекин на развојните фондови од заедничкиот европски буџет.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, според германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мазиер, во прашање се неколку земји, меѓу кои предничат Унгарија и Словачка.
Токму овие земји кои се корисници на пари за развој од европската каса вчера го одбиле европскиот план за прифат на бегалците.
Германскиот министер во изјава за телевизијата ЗДФ вели дека „мора да се зборува за начините со кои може да се направи притисок врз овие земји“, додавајќи дека некои од државите што се противат на квотите за прием на бегалците, се приматели на средства од европските структурни фондови.
На изјавата на Мазиер веднаш реагираше Словачка, која најавата за санкции за земјите кои се противат да прифатат бегалци ја оцени како непримерна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



