| четврток, 6 декември 2018 |

На бегалците им се делат летоци со маршрута преку Хрватска

Откако Унгарија одлучи да ги затвори своите граници, „Фејсбук“ групата „Avoid Hungary – Migration news“ (Избегнувајте ја Унгарија – вести за бегалци) подготви мапи со алтернативни марштути кои како летоци им се делат на бегалците на македонската граница, јавува Танјуг.

На страницата на „Фејсбук“ се објавени неколку мапи на кои се прикажуваат алтернативни правци кои им се препорачуваат на бегалците, од кои едната води преку хрватската област Славонија, пренесува телевизијата Н1 Хрватска.

На грчко-македонската граница, од македонска страна, волонтерите наводно почнале на бегалците да им делат летоци на кои се наоѓаат тие карти и да ги насочуваат кон алтернативните правци со цел да ја избегнат Унгарија, јавува Танјуг. Во Унгарија веќе се евидентирани првите приведувања на емигранти кои ја оштетиле оградата. Унгарија од полноќ го применува изменетиот закон за границата според кој за илегално преминување е предвидена затворска казна од три години.

Самата граница е и физички затворена откако по изградбата на оградата е затворен и последниот премин што го користеа бегалците, а тоа е пругата Суботица – Сегедин, каде што вчера попладне беше поставен вагон со бодликава жица.

Група бегалци утрово ја пресече оградата на границата меѓу Унгарија и Србија, по што полицијата веднаш приведе 16 мигранти, кои ќе бидат првите врз кои ќе биде применет новиот закон за државната граница.

Според хрватската телевизија Н1 во Хрватска почнале да пристигнуваат и првите бегалци, но засега тоа се индивидуалци и мали групи.

Началникот на Управата за граница при Министерството за внатрешни работи на Хрватска, Златко Соколар, смета дека постои реална можност по затворањето на унгарската граница, бегалците да тргнат кон Хрватска, на чија граница засега е мирно, без обиди за илегални премини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top