Русија доставува и ќе продолжи да доставува воено-техничка помош на сириските власти во борбата против терористичката група „Исламска држава“, изјави денеска претседателот Владимир Путин во обраќање на самитот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКС) во Таџикистан, пренесува ТАСС.
Путин ги повика и останатите држави да се приклучат кон Москва по тоа прашање. – Очигледно е дека без активно учество на сириската власт и армија во борбата против ИД не може да бидат протерани терористите од земјата, како и од регионот во целина – истакна рускиот претседател.
Рускиот претседател нагласи дека е неопходно да се стават настрана геополитичките амбиции, да не се прават двојни стандарди и политика на директно или индиректно користење на одделни терористички групи за постигнување на сопствени цели, вклучително за смена на непосакувани влади и режими.
Путин ги отфрли тврдењата дека поддршката на Москва за режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад предизвикала голем бран бегалци, нагласувајќи дека без таа поддршка бројот на сириски бегалци во Европа ќе бил многу поголем.
Претседателот на Русија, исто така, нагласи дека состојбата во Авганистан деградира по повлекувањето на поголем дел од странските воени контингенти, како и дека во земјата се зголемува влијанието на ИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



