| четврток, 6 декември 2018 |

Сириец одговара на најчестите прашања: Зошто бегаат само мажите, зошто не се борат за земјата?

Дваесет и деветгодишниот стоматолог Милад побегнал од Сирија во Лондон минатата година. Преку страницата на „Си-ен-ен“, каде што беше емитувана анализа на тоа каков е животот на бегалците во Лондон, младиот Сириец одговори на прашањата кои најчесто ги поставуваат, како на пример зошто бегалците не останат да се борат во војната, зошто има толку мажи во колоните и каде се жените и децата…

Запрашан зошто како млад маж не останал во Сирија, да се бори и да се обиде да изгради подобра иднина, Милад одоговорил дека тоа не е едноставна работа кога бомби ви летаат над глава, кога слушате пукање и кога не можете да пронајдете работа и пари за живот.

– Мислам, војната уништува сè во државата. Се борите, се борите и борите, и потоа сакате да си одите. Чекате две или три години и ништо не се променило. Како да го поднесете тоа? – вели тој.

Тој вели дека не е во Европа за да ужива во бенефициите.

– Секако, ми недостасува домот, нема место како што е дома. Доколку условите се подобрат, многу Сиријци, не само јас, ќе се вратат во Сирија – тврди тој.

На прашањето зошто Сиријците не одат во богатиот Дубаи, нема одговор, бидејќи не станува збор за нивен избор.

– Прашајте ги владите во Арапскиот Залив. Немам одговор. Многу Сиријци повеќе би сакале да одат во арапските земји бидејќи тоа се развиени земји, имаат пари и се зборува арапски. Но, тие ни ги затворија вратите. Треба да ги прашате нив – вели Милад.

Многумина тврдат дека колоните со бегалци се полни со мажи, додека жени и деца има помалку.

– Има многу жени и деца бегалци, но на мажите им е полесно да ја напуштат Сирија. Покрај тоа, жените и децата не ги регрутираат во војска. Мажите не сакаат да се борат за или против режимот на Асад – одговара Сириецот.

На прашањето каков човек може да го остави семејството во воена зона, Милад исто така има одговор.

– Не е лесно да се одлучиш да го напуштиш домот и работата. Јас сум млад. Немам куќа и имам време да барам друга работа и место за живот. Но, мојот татко, на пример, кој има 60 години, не може да се одлучи да остави сè. Си замина по две години, не кога и јас, туку откако сфати дека ништо не е променето и дека сè оди на полошо – вели тој.

Остатокот од прашањата и неговите одговори можете да ги прочитате ТУКА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top