Министерот за комуникации, Малколм Тарнбул положи денеска заклетва како нов премиер на Австралија, откако вчера, во набрзина организираното гласање за доверба во владејачката Либерална партија, Тони Абот беше сменет од лидерската функција во партијата, по што автоматски мораше да се повлече и од функцијата австралиски премиер.
Тарбул е четвртиот премиер на земјата од 2013 година.
Таа година Абот победи на парламентарните избори, но неколку месеци пред тоа, тогаш владеjачките лабуристи, на ист ваков начин, со партиско надгласување, ја сменија Џулија Гилард и за лидер на партијата и премиер го избраа Кевин Рад.
Сменувањето на Тони Абот уследи само неколку часови откако Тарнбул јавно побара да се организира гласање за доверба за тоа дали тој треба и понатаму да остане лидер на либералите.
Според Тарнбул, на партијата (и на владата и земјата) и е потребно ново водство и нов начин на управување, посебно со домашната економија. Тој го обвини Абот дека не успеал да воспостави комуникација со гласачите, предупредувајќи дека доклку владеjачката коалција остане со Абот како лидер и премиер, на следните парламентарни избори, тие ќе претрпат пораз.
Кога се очекуваше реакцијата на Абот на јавниот повик да му се изгласа недовреба, Тарнбул изнуди гласањето да се изврши веднаш и на него мнозинството либерлани пратеници се определија за промена.
За предизвикувачот Тарнбул гласаа 54, додека за Абот 44 пратеници.
На тоа гласање, што посматрачите во Канбера го означија како „непријателско“„ се гласаше и за доверба на заменик лидерот на партијата и министер за надворешни работи Џули Бишоп, која успеа да остане на функцијата во партијата.
Во првата реакција по сменувањето, Абот изјави дека бил тргнат на некоректен начин, но дека такви се „правилата на политичката игра“ за кои рече дека ги прифатил кога се решил да влезе во политиката.
Абот не соопшти ништо околу тоа дали ќе остане пратеник , или ќе се повлече од политиката, освен што изјави дека нема да ја поткопува новата влада.
Новиот премиер Тарнбул во Парламентот изјави дека сака да го заврши до крај четиригодишниот мандат на неговиот претходник, што значи дека не предвидува предвремени избори.
До крајот на оваа недела треба да биде познат и составот на новата австралиска влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.