| четврток, 6 декември 2018 |

Бегалците ја пресекоа оградата, јуришаат на Унгарија – приведени се 9380 лица

3046

Група бегалци утрово ја пресекле оградата на границата меѓу Унгарија и Србија. Полицијата веднаш привела 16 и тие ќе бидат првата група бегалци на кои ќе биде применет новиот закон за државна граница. Како што јавува унгарската државна телевизија М1, група бегалци во атарот во близина на преминот Реска – Хоргош ја пресекле бодликавата жица и ја пробиле оградата и влегле во Унгарија.

Полицијата успеала веднаш да приведе 16 лица и тоа е првата група бегалци на која ќе биде применет новиот поригорозен закон за државната граница, кој стапи на сила на полноќ, а кој, меѓу другото, предвидува казна затвор до три години за оние кои илегално ќе ја преминат границата.

Самата граница е физички затворена откако по изградбата на оградата е затворен и последниот премин што го користеа бегалците, а тоа е пругата Суботица – Сегедин, на која вчера во попладневните часови беше поставен вагон со бодликава жица.

Од другата страна пак, унгарската полиција во текот на вчерашниот ден привела рекорден број бегалци – 9380, поради нелегален влез во земјата, пренесува агенцијата МТИ. Постапка е поведена против 13 лица осомничени за криумчарење луѓе, а против пет за фалсификување документи.

Унгарската агенција потсетува дека според заострените прописи кои од денеска стапија на сила, илегалниот премин на границата ќе се смета за кривично дело, за кое казната ќе изнесува од три години затвор и депортирање од земјата.
Криумчарите на луѓе ќе се соочат со поголеми казни, а организаторите можат да бидат осудени на затворски казни од 10 до 20 години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top