Не постигнавме договор за бегалците, изјави синоќа европскиот комесар за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос по состанокот на министрите за правда и внатрешни работи на земјите членки на ЕУ. Следниот состанок е на 6 октомври.
Најголемиот број членки сакаат да одиме чекор понатаму, но не сите, рекол Аврамопулос по седумчасовната бурна дебата.
Министрите изразиле начелна, но не и формална согласност нивните земји да прифатат поголем дел од вкупно 160.000 бегалци од Африка и Блискиот Исток во зависност од своите капацитети, но одбиле да прифатат обврзувачки квоти кои комисијата се обидела да ги наметне.
Тие ја потврдиле одлуката која начелно е донесена во јули да прифатат нешто помалку од 40.000 бегалци кои во моментот се наоѓаат во Грција и Италија.
За останатите 120.000 бегалци се сложиле да продолжат да работат на подготвка на формална одлука за примена на обврските со почитување на флексибилноста која е потребна на членките, особено за решавање на непредвидени ситуации.
Ова во пракса значи дека одлуката за планот на Јункер е одложена до 6 октомври кога министрите повторно ќе се соберат во Брисел.
Аврамопулос меѓутоа предупреди дека кризата е премногу сериозна за да се чека толку долго и дека следниот министерски состанок е неопходно да се организира за неколку дена. Неговиот став го поддржа и потпретседателот на Комисијата Франс Тимерманс.
Аналитичарите оценуваат дека одложувањето на одлуката за планот на Јункер е индикатор за сериозна поделба во ЕУ и пораз на идејата за европската солидарност.
Министрите единствено успеале да се договорат дека е потребно да се засили контролата на надворешните граници на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.