Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска оствари средба со шефот на Секторот за Западен Балкан и проширување на Канцеларијата за надворешни прашања и Комонвелт, Фиона Мекилвам. На средбата присуствуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Чарлс Гарет.
На средбата, претседателот Вељаноски искажал задоволство од постигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете држави и од поддршката која Обединетото Кралство ѝ ја дава на Република Македонија за која смета дека е искрена и пријателска.
Како што соопшти неговиот кабинет, Вељаноски се осврнал на остварените проекти во соработка со амбасадата на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија за јакнење на целокупните капацитети на Собранието на Република Македонија, реализирани преку Фондацијата Вестминстер и искажал подготвеност за одржување и продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.
На средбата се разговарало и за повеќе актуелни прашања, како и за политичката состојба во Република Македонија, каде двајцата соговорници беа согласни дека недоразбирањата и политичките ставови треба да се искажуваат во институциите, односно во Собранието на Република Македонија како највисок законодавен дом кој ја има клучната улога во реализација на реформите.
Вељаноски и Мекилвам го поздравиле отпочнувањето на политичкиот дијалог со враќањето на опозицијата во работата на Собранието на Република Македонија. Се согласиле дека во овие моменти на политички реформи важна е поддршката од клучните пријателски земји на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.