Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани девизи, облека, маслиново масло, енергетски пијалоци, цигари, автоделови, футроли за мобилни, рачни часовници, кабел за инсталација за интернет, кутии за накит, козметички производи и фалсификати.
Задржана е следната стока:
Девизи
– 10.000 евра, откриени при контрола на личниот багаж на албански државјанин, кој управувајќи албански камион, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. 20.000 евра се пронајдени во патна торба на возачот за кои не поседувал документ за потекло ниту потврда за внесени девизни средства издадена од царинските органи на Р.Македонија. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а против возачот е поднесено Барање за поведување на прекршочна постапка до Комисијата за одлучување по девизни прекршоци на Царинска управа.
–5.400 австралиски долари и 7.600 швајцарски франци, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.
Во првиот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој заедно со неговата сопруга допатувале со лет од Цирих, во мала рачна торба биле пронајдени 28.900 швајцарски франци и 500 евра. Согласно законските прописи на двајцата патници им биле вратени по 10.650 швајцарски франци (вкупно 21.300 франци), противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 7.600 швајцарски франци се привремено задржани.
Во вториот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Белград, во мало торбиче закачено за појас, биле пронајдени 8.700 австралиски долари, за што не поседувал документи за потекло. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 3.300 австралиски долари, противвредност на 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 5.400 австралиски долари се привремено задржани.
Против двајцата патници е поведена прекршочна постапка за сторените прекршоци.
– 13.000 евра, откриени во 3 одвоени случаи, на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата, во преградата под потпирачот за раце што се наоѓа помеѓу предните седишта, се пронајдени 7.500 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, 2.000 евра му се вратени на возачот – износ што резидент може слободно да го изнесе од Република Македонија, а 5.500 евра се привремено задржани.
Во вториот случај, при личен претрес на холандски државјанин, кој управувајќи холандски автомобил се пријавил за влез во државата, во предниот и задниот џеб од неговите панталони се пронајдени 14.000 евра. Согласно законските прописи, 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во Република Македонија, му се вратени на возачот, а 4.000 евра се привремено задржани.
Во третиот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата, во предниот џеб од неговите панталони се пронајдени 5.500 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, 2.000 евра му се вратени на возачот, а 3.500 евра се привремено задржани.
Во сите три случаи, против прекршителите се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка.
Облека
– 818 парчиња детска облека (јакни, блузи, панталони, капи, чорапи и др), откриени на царинската испостава Скопје 1, при контрола на стока пријавена за складирање во царински магацин. Вредноста на непријавената стока изнесува 674 илјади денари, а износот на избегнатите давачки 260 илјади денари.
– 181 парчиња женски хеланки и долни тренерки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена кај бензинската станица на ЛУК-ОИЛ, во Автокоманда. Текстилните производи за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во вреќи, сместени на задното седиште и во багажникот на возилото.
Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
Храна, пијалоци и цигари
– 325литри маслиново масло, 380 лименки енергетски пијалок и 22 штеки цигари, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два германски автомобили, управувани од германски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, во дрвен сандак сместен во багажниот простор на возилото, покриен со лични работи на патниците, се пронајдени 56 лимени канти од 3 литри и 3 канти од 15 литри, или вкупно 325 литри маслиново масло.
Во вториот случај, под седиштата, помеѓу и во внатрешноста на патните торби, во фабричките празнини на багажникот и под резервната гума на возилото, се пронајдени 380 лименки енергетски пијалок REDBULи ROBUST и 22 штеки цигари Marlboro, LM и LuckyStrike без акцизни маркички.
Во двата случаи, непријавената стока е привремено задржана, а против прекршителите ќе бидат поведени соодветни постапки.
Автоделови
– 130 сетови за Boschпумпа и 7 делови за комбајн, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата, на граничниот премин Меџитлија.
Во првиот случај, под совозачкото седиште, во фиоката за документи и во преградата под потпирачот за рака што се наоѓа помеѓу предните седишта на возилото се пронајдени 130 сетови за Boschпумпа, а во вториот случај, на задното седиште на автомобилот се пронајдени 7 ножеви за комбајни.
Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани а против прекршителите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
Останато
– 603 футроли за мобилни телефони, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Штип-Велес. Производите за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во багажниот простор на возилото.
Пронајдената стока е привремено задржана, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
– 238 кутии за бижутерија и накит, 20 држачи за накит, 20 моливи за очи и 95 кармини, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Блаце. Непријавените производи се пронајдени под предните седишта, под задното седиште и во багажниот простор на возилото.
– 105 часовници CASIO, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на турски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул.
Непријавената стока е привремено задржана, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.
– 1 разводна кутија за кабли и 610 метри кабел за инсталација за интернет, откриени при контрола на бугарски автомобил, управувано од бугарски државјани, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Деве Баир. Кабелот и разводната кутија се пронајдени позади возачкото седиште и во багажникот на возилото.
Непријавената стока е привремено задржана, а против прекршителот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
– 1 машки рачен часовник и 1 мобилен телефон со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на две брзи пратки, од Кина, наменети за две физички лица, едното од Струмица а другото од Велешта. По консултација со застапниците на трговските марки, стоката е задржана поради сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост и е започната постапка за утврдување на оригиналноста на истата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.