| четврток, 6 декември 2018 |

Орбан се заканува со враќање на емигрантите, Србија во исчекување

унгарија

Унгарија од утре целосно ќе ги затвори своите граници за бегалците, а премиерот Виктор Орбан се заканува дека секој кој, сепак, ќе успее да влезе во неговата земја, ќе го врати во Србија.

Како што пренесуваат српските медиуми, за таа цел, во местото Реске, на границата меѓу Унгарија и Србија, распоредени се 4.300 унгарски војници вооружени со автомати, кои дури добиле и дозвола да пукаат доколку емигрантите на некој начин ги загрозат.

Србија и сите земји на овој „бегалски пат“ низ Балканот оваа есен и зима ги чека драма бидејќи во ЕУ проценуваат дека следните месеци дури 500.000 емигранти ќе се обидат да влезат во Унијата!

Од границата со Унгарија пристигнуваат вести дека бројот на емигранти се зголемува бидејќи тие сакаат да ја минат шенгенската граница пред 15 септември, денот за кога Унгарија го закажа целосното  затворање на границата за бегалците.

Белградскиот весник „Блиц“ги праша српските министри што ќе направи Србија кога Орбан ќе ја затвори границата и ќе почне да ги враќа бегалците.

-Србија и натаму ќе биде добар домаќин, кон бегалците ќе се однесува хумано, во согласност со европските вредности и со меѓународните закони. Доколку нивното движење дополнително биде отежнато, можно е да се промени правецот или да се најдат некои други начини за да пристигнат до својата крајна дестинација. Тие луѓе немаат веќе што да загубат –  изјави за „Блиц“ министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.

Српското МВР истакува дека и натаму интензивно се работи на евиденцијата и на регистрацијата на сите лица кои влегуваат и излегуваат од земјата.

– Ако Орбан мисли да ги враќа бегалците, тоа ќе биде невозможно бидејќи само 500 од нив побараа азил кај нас. Сите сакаат во западна Европа и никој не ќе може да ги запре – јасен е шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.

Министерот за социјална политика, Александар Вулин, потврдува дека се очекува поголем прилив од бегелци.

– Заради тоа на северот од земјата бараме соодветен привремен капацитет, каде емигрантите ќе можат да се засолнат од зимата. Исто така, се зголемуваат и капацитетите во Прешево, додека меѓу Миратовац и Прешево е обезбеден превоз со воз за да им се овозможи на овие луѓе побрзо минување- објаснува Вулин.

Тој потенцира дека Србија нема да гради трајни објекти за згрижување на бегалците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top