| четврток, 6 декември 2018 |

Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком

centralen-komitet-sdsm-3

Во време на големата корупциска афера Телеком, кога менаџери на унгарската компанија Маѓар Телеком и на германската Дојче Телеком потплатувале функционери на македонската Влада со цел да биде продолжен монополот на Македонски Телекомуникации, Радмила Шекеринска беше вицепремиерка во Владата на Бучковски, задолжена за европските интеграции. Токму преку нејзиниот ресор, до Владата, биле упатувани барања од страна на Европската Комисија за конечно да се дозволи влез на сериозни конкурентски компании во телекомуникацискиот пазар, кои ќе овозможат намалување на екстремно високите цени за телеком – услугите.

Sekerinska Sendrei i dal nacrt zakon na raka

Sekerinska baranje od EU

Но, место да ги исполни препораките на Европската Комисија, секторот за европски интеграции со кои раководеше Шекеринска испраќал лажни ветувања до Брисел, а од друга страна, таа директно соработувала со Маѓар Телеком. Името на Радмила Шекеринска се посочува во документите доставени пред Окружниот суд во Њујорк, во врска со корупцискиот скандал Телеком, во порака испратена од контроверзниот директор на Македонски Телекомуникации Атила Сендреи. Во пораката, која Сендреи ја испратил на 16 јануари 2005 година до менаџерот на компанијата Дејан Силјановски, е содржан детален опис на активностите на Македонски Телекомуникации во нивниот обид да се спречи либерализација на пазарот, а еден од тие чекори бил компанијата да подготви верзија на законот за електронски комуникации скроена според интересите на унгарската компанија и таа да и биде дадена на Шекеринска.

„Македонски Телекомуникации заедно со Маѓар Телеком во април 2004 година подготвија целосно нов закон за телекомуникации и и го предадоа на госпоѓица Шекеринска”, пишува во една од најскандалозните точки од документот испратен од Сендреи.

Sekerinska posiroko

Во документот дополнително се опишува како Шекеринска, како клучен член на Владата на Бучковски, била информирана од страна на Европската Комисија дека Македонија мора да го либерализира телекомуникацискиот пазар, и дека во спротивно на земјата и се заканува долгогодишен застој во евро-интеграциите.

На 16 декември, секторот за надворешни работи на Европската Комисија испрати писмо до госпоѓица Шекеринска во врска со кршењето на спогодбата од страна на Македонија во врска со телекомуникациите и за одложувањето на носењето на новиот закон за телекомуникации. Ова поттикна промени и забрзување на процесот на имплементација, бидејќи на Македонија и се закануваше интеграцијата во ЕУ да биде одложена за три години”, пишува во документот испратен од Сендреи, а кој е заведен во доказниот материјал во судот во Њујорк кој го истражува корупцискиот случај Телеком како доказ број 103-26.

Во документот се наведува дека експерти на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации формирале работна група во која учествувале Лидија Ивановска (мајка на пратеникот Игор Ивановски – Шема), претставници на Министерството за транспорт и врски идиректорот на Агенцијата за електронски комуникации Коста Трпковски и подготвиле текст на нацрт закон за кој Сендреи вели дека бил “95 проценти во согласност со нашите барања”. А од голем број документи доставени до судот во Њујорк, јасно е дека барањата и интересот на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации бил што подолго да се задржи нивната скоро монополска позиција на пазарот во Македонија и да се спречи влез на сериозни конкурентски компании.

Во документот испратен од Атила Сендреи се вели дека Радмила Шекеринска побарала од Вецко Буревски, директор на одделението за пошти и телекомуникации во Министерството за транспорт и врски, до јуни 2004 година да ги преведе директивите на Европската Унија во областа на телекомуникациите. Но, поради смена на Буревски од функцијата и ангажирањето на агенцијата УСАИД за изработка на поинаков закон за телекомуникации, кој предвидува либерализација на пазарот и кој би бил во согланост со европските стандарди, Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации почнале кампања за вршење притисок врз Владата и потплатување на пратениците од коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП Собранието за да се усвои верзијата на законот која била во нивен интерес.

„Постојано им дававме совети. Работевме заедно со работната група, преку официјални и неофицијални канали, им помагавме да подготват закон кој ќе биде во согласност со Европската Унија, но ќе биде полезен и за државата и за Македонски Телекомуникации. Ова значеше средби и предавање на пишан материјал на Лидија Ивановска, Коста Трпковски, Вецко Буревски, но и нивно подготвување и информирање. Повеќе од 10 нацрт верзии на законот беа подготвени од Македонски Телекомуникации, со многу дискусии”, пишува во пораката од Атила Сендреи, во која е наведена и дека компанијата има на страна два милиони евра подготвени за потплатување на македонски политичари доколку во Владата или Собранието дојде до сериозни отстапки од интересите на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации.

Еден од клучните критериуми на оценување на Македонија од страна на Европската Комисија е токму дали земјата функционира како пазарна економија и дали разните индустриски сектори, вклучително и телекомуникациите, се отворени за конкуренција. Со доминантната позиција на Македонски Телекомуникации, кои имаат над 70 проценти од пазарот на мобилната телефонија и се практично монопол во интернет комуникациите, Европската Комисија инсистира до македонските власти да дозволат овој сектор да се развива под нормални пазарни услови, и со овозможена сериозна конкуренција, која грчкиот мобилен оператор Космофон во тој момент не ја пружа.

Во фамозниот Прашалник, кој Секретаријатот за европски прашања предводен од страна на Шекеринска го испрати до Европската Комисија во 2005 година, е наведено дека во собраниска процедура е нацрт закон за електронски комуникации со кој ќе се почитуваат петте европски директиви, меѓу кои како прва е наведена директивата за конкурентност на пазарот. Паралелно додека Шекеринска ги убедувала евро-комесарите дека Македонија подготвува закон со кој ќе се дозволи конкуренција на пазарот на телекомуникации, Владата во која таа била потпретседател, преговарала со Маѓар Телеком користејќи ги како посредници претставниците на грчкиот бизнисмени Димитриос Контоминас, за начин како да се одложи либерализирањето на пазарот. Ова кршење на европските правила за отворање на телекомуникацискиот пазар за конкуренција Македонија директно ја чинело над 38 милиони евра во екстра профит остварен од страна на Македонски Телекомуникации, кои ослободени од обврската да се натпреваруваат со сериозна конкурентска компанија можеле да си дозволат енормно да ги зголемуваат цените за своите услуги.

Дека Шекеринска не успеала никого да излаже потврдува и извештајот за напредокот на Македонија за 2006 година, во кој е наведено дека земјата постигнала одреден напредок во исполнување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, но не ги исполнува сите свои обврски, при што забележително е неисполнувањето на обврската за либерализирање на телекомуникацискиот пазар. Веќе во следниот извештај, за 2007 година, откако новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА почна да го отвора пазарот за конкуренција, Европската Комисија забележува дека е постигнат добар напредок.

*** Документите со подобра резолуција***

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top