Германскиот канцелар Ангела Меркел, чија земја во моментов е исправена пред невиден наплив од бегалци, денеска ја повика Грција на поефикасно чување на надворешните граници на Европската унија и побара дијалог со Турција, преку чија територија минуваат голем број сириски мигранти, пренесоа француските медиуми.
– Грција, исто така, треба да го преземе својот дел од одговорноста во чувувањето на надворешните граници на ЕУ, што во моментов не е случај – изјави Меркел за време на конгресот на нејзината конзервативна Христијанскодемократска унија (ЦДУ) во Берлин.
Голем дел од бегалците минуваат преку Турција пред да го преземат ризичното патување до грчките острови и така да влезат на територијата на ЕУ. Оптоварените грчки власти веќе немаат време дури ни да ги регистрираат овие бегалци, кои понатаму ја продолжуваат својата одисеја кон Македонија и Србија, а потоа кон Унгарија на патот кон нивната крајна цел Германија, потсетуваат француските медиуми.
– Берлин, кој годинава очекува рекордни 800.000 баратели на азил, исто така, иниститира на поинтензивен дијалог со Турција за заштитата на границите на ЕУ. Итно треба да го засилиме дијалогот со Анкара – изјави Меркел.
Канцеларот повторно подвлече дека во Германија ќе можат да останат единствено мигрантите кои имаат потреба од закрила, бидејќи побегнале од војна или прогон.
– Оние кои немаат потреба од закрила, а тука доаѓаат од економски причини, колку и да ги разбираме нивните побуди, сепак не можат да очекуват да останат кај нас. И ако тоа јасно не го кажеме нема да сме во состојба да им ја укажеме неопходната закрила на оние на кои таа навистина им е потребна – истакна Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.