Документите за случајот Телеком, кои ги поседува судот во Њујорк, откриваат многу поширока мрежа на политичари од редовите на владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ во 2004 година, но откриваат и дека помали партии како Либерал-демократската партија биле вклучени во обидите да се спречи ослободувањето на телекомуникацискиот пазар од монополот на Македонски Телекомуникации. Еден од најшокантните документи содржани во материјалите доставени пред судот, навестува дека компанијата била подготвена да им плати до два милиони евра на пратениците од СДСМ, ДУИ и ЛДП, меѓу кои и денес актуелни политичари како градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за да изгласаат законски измеени во интерес на унгарско-германските сопственици на Македонски Телекомуникации – Маѓар Телеком и Дојче Телеком.
Документите до кои дојдовме покажуваат дека Македонски Телекомуникации се обиделе да обезбедат законска гаранција дека во Македонија нема да влезе нов, трет самостоен мобилен оператор кој би претставувал закана за неприкосновената позиција на МТ на пазарот. За таа цел, компанијата не само што користела оф-шор компании регистрирани на Кипар со кои ги потплатувала СДСМ и ДУИ, туку активно барала соработници во македонското Собрание кои би можеле да им помогнат во таа цел. Меѓу нив биле пратениците во собраниската Комисија за транспорт и врски, меѓу кои и актуелни политичари како Андреј Жерновски, но и екслидерот на ЛДП, Ристо Пенов.
Еден од документите кои ги поседува судот содржи информации дека Македонски Телекомуникации работеле со тогашното раководство на Агенцијата за електронски комуникации и директорот Коста Трпковски да се подготви текст на закон кој ќе биде во согласност со нивните интереси да се продолжи скоро целосниот монопол на МТ. Но, интересите на компанијата биле нарушени кога закон со поинаков текст, подготвен во соработка со УСАИД, кој предвидувал либерализација на пазарот согласно барањата на Европската Комисија, бил предложен до Собранието. За да се спречи донесувањето на овој закон, компанијата предлага лобирање насочено кон одреден број пратеници.
„Што ќе се случува и кога: 17 јануари – средба со комитетот за информатичко општество на владејачката партија СДСМ во 18 часот. Причина – да се прифатат амандманите кои треба да бидат усвоени пред собраниската Комисија како предлози на СДСМ. Членови на комитетот се Јани Макрадули (претседавач и пратеник), Томе Тромбев (претседавач на собраниската Комисија за транспорт и врски), Гаврило Џиковски, Горан Цветковски, Горан Паунов, Коста Трпковски и други кои повремено учествуваат”, пишува во документ подготвен од страна на Македонски Телекомуникации.
Во продолжение се наведени имињата на членовите на собраниската Комисија, кои биле клучни за интересите на компанијата МТ да ја зачува својата монополска комисија. Меѓу нив се и имињата на Андреј Жерновски, Никола Ѓурчиев, неколку членови на ВМРО – Народна партија и на ДУИ. За да се изврши влијание врз пратениците кои би биле подготвени да ја поддржат верзијата на законот која била во интерес на монополот на МТ, во документот се препорачува да се одржат разговори на ниво на коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП, при што Асан Јакупи е идентификуван како член на ДУИ кој може да влијае на пратениците од оваа партија, а тогашниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, како функционер на ЛДП кој ќе се погрижи пратениците на оваа партија, меѓу кои и сегашниот градоначалник на општината Центар Андреј Жерновски, ќе гласаат во поддршка на продолжување на монополот.
„Улогата на Атила Сендреи – да се контактира Ристо Пенов за да се убедат членовите на Собранието од ЛДП”, пишува во дел од документот во кој се поделени улоги на одделните функционери и лобисти ангажирани од МТ за да се издејствуваат законски измени согласно интересот на монополистичката компанија. Во документот јасно се наведува дека, доколку некои од пратениците се спротистават на барањата на компанијата, ќе им бидат понудени пари.
„Што можеме да понудиме за прифаќање на нашата верзија на законот во Собранието: Доколку при било која од контролните точки на процесот се појави опасност од значително отстапување на верзијата на законот подготвена од нашата работна група, и доколку не сме во состојба да ги вратиме овие отстапувања со други мерки, тогаш оптималната понуда за прифаќање на сите наши предлози може да биде износ во висината на два милиони евра, доколку бидат побарани. Но, мора да има преговарање по средбите во партијата и Собранието”, пишува во делот на документот во кој отворено се најавува можноста од потплатување на македонски пратеници за да се издејствуваат измени на законот кои ќе бидат на штета на граѓаните, а во интерес на компанијата МТ.
Судот во Њујорк води втор процес за овој корупциски скандал. Во првиот веќе утврди дека Маѓар Телеком и Дојче Телеком, преку Македонски Телекомуникации, потплатувале македонски политичари од коалицијата СДСМ, ДУИ и ЛДП, за да го спречат влегувањето на нови телекомуникациски компании на македонскиот пазар. Монополот предизвика назадување на развојот на информатичкото општество во Македонија со прескапи и недостапни интернет врски и прекумерно високи цени за мобилната и фиксната телефонија. Оваа монополска позиција конечно беше разбиена од страна на ВМРО-ДПМНЕ со воведувањето на лиценцата за трет самостоен мобилен оператор во 2007 година, и со подоцнежната продажба на компанијата Космофон на словенечкиот Телеком.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст