Македонскиот филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски ќе го отвори 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој почнува на 18 септември во Битола. Со ова продолжува традицијата најзначајниот фестивал кој ја слави работата на директорите на фотографија да се отвора со премиера на македонски филм.
– Среќни сме што и оваа година имаме македонска и светска премиера на отворањето на Фестивалот со филмот „Лазар“, на големиот автор Светозар Ристовски. Филмот е актуелен со својата тематика. – Посебно ми е драго што овој филм почна да се развива токму на „Манаки скрипт корнерот“. Филмот е актуелен во својата тематика. Говори за бегалската криза. „Лазар“ по „Манаки“ е прифатен да учестува на фестивалот во Варшава во натпреварувачката програма – изјави Димитар Николов-Таки, директорот на „Браќа Манаки“ на денешната конфренција за печат.
Ристовски се потпишува и на сценариото на филмот, заедно со Грејс Лиа Троје. Филмот „Лазар“ е копродукција со Македонија, Хрватска, Бугарија и со Франција. Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф е Игор Тошевски, а костимографи се Катерина Колимбатовиќ и Невена Чакловиќ.
Филмот е приказна за 25-годишниот Лазар (Ведран Живолиќ од Хрватска) и за 32-годишниот Тони (Дејан Лилиќ), чија тешка економска состојба ќе ги втурне во нелегалниот свет на шверцување емигранти. Во филмот играат и Наташа Петровиќ, Владо Јовановски, Тони Михајловски, актерите од Бугарија Красимира Кузманова и Александар Сано, хрватскиот актер Горан Навојец, Александра Балмазовиќ од Словенија и други.
Во десетте дена на претстојниот 36. „Браќа Манаки“ во Битола ќе бидат прикажани 215 филмови.
Како што соопшти организаторот, добитници на Специјална награда „Златна камера 300“ за придонес во светската кинематографија се актерите Бруно Ганц од Швајцарија и Алексеј Серебрјаков од Русија.
Добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, пак, која ја доделува Друштвото на филмски професионалци, е карикатуристот, автор на анимирани филмови и архитект, Дарко Марковиќ.
Половина од 215 филмови кои ќе бидат прикажани во Битола од 18 до 27 септември се во различни категории, од кои три се натпреварувачки (Официјална, Нов европски филм и ЈИЕ Камера). Останатите 111 се студентски филмови.
– Од идниот петок Битола ќе биде епицентар на културата, со филмски проекции, околу 700 гости (еминентни филмски работници, критичари и студенти), со 75 придружни настани на 40-ина локации во Битола. Подготвени сме на публиката да ѝ подариме уште едно издание во кое ќе може да ужива во добри филмови, голем број работилници и во други придружни активности – рече Николов.
Во официјалната програма се 13 филмови кои ќе се натпреваруваат за наградите „Златна камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена): „Сикарио“, „600 милји“, „Убиец“, „Црни души“, „Макбет“, „Синот на Саул“, „Викторија“, „Тимбукту“, „Нашата мала сестра“, „Нахид“, „Белите ноќи на поштарот“, „Мојата мајка“ и „Земја и сенка“.
Селекторот Благоја Куновски-Доре истакна дека фактот што меѓу филмовите има наградени на престижните фестивали во Кан, Берлин и во Венеција, го потврдува нивниот квалитет. Според него, програмата нуди жанровски различни филмови, снимени од веќе познати директори на фотографија, но и остварувања на нови имиња.
За наградите во главната натпреварувачка програма ќе одлучува петчлено меѓународно жири, под претседателство на полскиот кинематографер Ришард Ленчевски, кој е годинашен лауреат на наградата „Златна камера 300“ за животно дело (покрај другите двајца лаурати на оваа награда кинематограферите Божидар Бота Николиќ и Јаромир Шофр).
Покрај поголемото времетраење на „Браќа Манаки“, оваа година фестивалот донесува и две нови натпреварувачки програми: Нов европски филм посветена на првите или вторите играни филмови на режисери од Европа (десет филма селектирани од Дејан Трајкоски) и програмата ЈИЕ Камера (осум филма селектирани од Саша Станишиќ).
Во двете програми ќе се доделуваат по две награди (за филм и за кинематографер) награда „Бона деа“ за европските филмови и „Златен Манаки“ за филмовите од Југоисточна Европа.
Тука се и Документарната програма (селектор Гена Теодосиевска) и Кратки филмови (селектор Јованка Попова), како и детската програма „Големо платно голема разлика“ на фестивалскиот партнер ВИП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст