Делот од изјавата на шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, извадена од интервјуто за унгарскиот неделник „Фигиел“ (Набљудувач), а во кој се вели дека Македонија размислува за ограда и за поставување војска на границата во контекст на мигрантската криза, предизвика големо внимание во јавноста.
Во интервјуто, Попоски посочува дека ЕУ од Македонија бара сите емигранти да бидат регистрирани, да нема илегално преминување на границата, а тоа државата со своите капацитети се обидува да го постигне. Но, како вели „штом сериозно го сфатиме тоа што европските партнери го бараат од нас, односно, штом се обидеме да ја контролираме границата и да ги сопреме луѓето, веднаш добиваме негативни меѓународни реакции“.
На прашањето дали се размислува да се заштитат границите со ограда, слично како што тоа го стори унгарската влада, Попоски одговара дека „доколку сериозно го сфатиме тоа Европа го бара од нас, тогаш ќе има потреба и од тоа. Било војници, било ограда, или комбинација од двете. Но нагласувам: не го сметаме ова за добро решение“, за да потоа се надоврзе дека „доколку ние не ја зајакнеме границата, знаејќи дека од другата страна тоа не го прават, тогаш не може да ги задоволиме европските барања. Или , се разбира може да кажат едноставно да ги оставиме премините отворени и да ги пуштиме бегалците“.
Целото интервју на Никола Попоски за унгарскиот деловен неделник
Ја фрламе емигрантската топка
Никола Попоски | Македонската влада размислува за физичко затворање на границата, бидејќи дневно повеќе илјадници пристигнуваат на грчко-македонската граница – изјави за нашиот весник министерот за надворешни работи на балканската држава
– Како влијае бегалската криза врз Македонија. Како може да се соочите со илјадниците бегалци кои дневно ја преминуваат грчко-македонската граница?
– Полека се навикнавме на петстотини бегалци дневно, но сега веќе доаѓаат три-четири илјади дневно. Се има случено во рок од 48 часа 12 илјади луѓе да пристигнат од грчките острови во Македонија. Во оваа состојба, Европската унија бара од нас сите да ги регистрираме, да нема илегално преминување на границата, да им дадеме право на азил на оние што имаат право на тоа и сите барања поединечно да ги разгледаме. Без надворешна помош тоа физички не можеме да го оствариме. Земете го предвид тоа дека Македонија е држава со само два милиона жители.
– Реално, на колку луѓе може да им помогнете?
– Се разбира дека се обидуваме да го регистрираме секој што ќе пристигне на границата. Но, штом ние сериозно го земеме тоа што го бараат од нас европските партнери, односно штом се обидеме да ја контролираме границата, да ги сопираме луѓето, веднаш добиваме негативни меѓународни реакции.
– „Амнести интернешенел“ на почетокот на месецот во голема мерка ве осуди, бидејќи ја затворивте границата кај Гевгелија и ги потиснавте бегалците употребувајќи и флеш гранати.
– Од Европа бараат да се придржуваме кон сите правила на Унијата и покрај тоа што не сме членка на ЕУ, само земја-кандидат за членка. Но, сепак, да посочам на тоа дека емигрантите што пристигнуваат кај нас, всушност доаѓаат од една држава-членка на Унијата. Не сакаме да посочуваме кон Грција. Всушност, очигледно и тие прават сѐ да го ублажат притисокот кој им тежи, но за жал едноставно го префрлуваат проблемот на соседната држава, односно на нас. Според мене, внатре во ЕУ треба да постојат одредени основни правила, кои би гласеле проблемите да се решаваат внатре во Унијата.
– Но и вие ги префрлувате бегалците понатаму на Србија, тие пак на Унгарија, а ние понатаму на западот. Што може да биде крајот на ова?
– Навистина, практично и ние ја префрламе топката на територија на друга држава, но причина за тоа е дека нема заеднички европски одговор, нема европски договор за тоа, како да се соочиме со ова прашање. И сѐ додека балканските држави, ЕУ и Турција не може да се договорат околу соочувањето со проблемот, дотогаш нема да има координиран одговор.
– Дали размислувавте за тоа да ги заштитите границите со ограда, слично како што го стори тоа и унгарската влада?
– Очигледно и кај нас ќе треба некаква физичка заштита за да го намалиме нелегалното преминување на границата. Тешко е тоа да се постигне за кратко време, а не е решение за долг период. Но доколку сериозно го земеме тоа што го бара од нас Европа, тогаш ќе има потреба и од тоа. Било војници, било ограда, или комбинација од двете. Но нагласувам: не го сметаме ова за добро решение.
Меѓутоа, доколку ние не ја зајакнеме границата, знаејќи дека и од другата страна тоа не го прават, тогаш не може да ги задоволиме европските барања. Или , се разбира може да кажат едноставно да ги оставиме премините отворени и да ги пуштиме бегалците.
– Не сте во лесна состојба, бидејќи односите со Грција и онака не ви се ведри поради спорот со името, а и датумот за приклучувањето кон ЕУ постојано се одложува.
– Според мене сѐ помалку и помалку интерес има за решавање на спорот околу името, а во меѓувреме и другите земји-членки се навикнаа на ситуацијата, што го блокира членството на Македонија во Унијата. Датумот за приклучување постојано се менува. Ние можеме само да ги спроведеме сите важни реформи, едноставно во сопствен интерес, независно од приклучувањето кон Унијата и кон НАТО. Спорот со името никогаш нема да можеме да го решиме двострано со Грција. Ова е една асиметрична состојба, всушност односите со Атина ни се многу добри, нема секојдневна напнатост, економските и деловните односи се одлични, туристите доаѓаат и си одат. Но никој не ги притиска грчките политичари. За нивната внатрешна политика би бил непопуларен каков било компромис, и многу полесно е да се игнорира ситуацијата, отколку одговорно да се учествува во средувањето на истата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)