Обединетите нации го поздравуваат предлогот на Европската унија да прими 160 илјади бегалци, оценувајќи го како чекор во вистинска насока, но напомена дека во граничните држави како Грција, Италија и Унгарија итно треба да бидат отворени големи прифатни центри.
– Европските земји треба да ги почитуваат националните и меѓународните закони при управувањето со границите, почитувајќи го правото на луѓето да бараат азил и заштита од војни и измачувања – се вели во соопштението на Високиот комесаријат за бегалци на ОН.
– Според нашите претходни оценки потребите се уште поголеми, но сега вниманието треба да биде насочено кон тоа сите земји-членки да учествуваат во таа иницијатива и брзо да ја спроведат- се додава во соопштението.
Уште милион Сиријци можат да станат бегалци и да се упатат кон Европа, доколку не биде ставен крај на војната, предупреди регионалниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток и Северна Африка, Питер Салама.
– Постои можност уште милиони и милиони бегалци да ја напуштат Сирија и да се упатат кон Европската унија и други места – изјави тој и додаде дека околу осум милиони лица се раселени во самата Сирија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



